Хрватски дипломат ќе раководи со новиот Совет за регионална соработка

25/05/2007

Хрватскиот заменик-министер за надворешни работи, Хидо Бишчевиќ, беше избран за прв генерален-секретар на Советот за регионална соработка. Новата регионална иницијатива ќе биде со седиште во Сараево.

Од Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб – 25/05/07

photo

Хрватскиот заменик-министер за надворешни работи, Хидо Бишчевиќ ќе го води СРС следната година. [Getty Images]

За време на состанокот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (СЕЕЦП) во Загреб претходно овој месец, регионалните министри за надворешни работи го избраа хрватскиот заменик-министер за надворешни работи, Хидо Бишчевиќ, за прв генерален секретар на новиот Совет за регионална соработка (СРС), чие седиште ќе биде во Сараево.

Со цел да се осигури регионален напредок кон процесот на европски пристап, земјите од Југоисточна Европа минатата година се согласија да формираат и да го земат во свои раце СРС. Советот, кој ќе почне со работа во 2008 година, постепено ќе ги преземе надлежностите на Советот за безбедност на Југоисточна Европа и СЕЕЦП.

Членови на СРС се регионалните земји што ги делат истите евроатлански амбиции и сакаат да ја зајакнат регионалната соработка, предуслов за пристапот во ЕУ.

„Регионот постепено се оддалечува од наследството на сомневање и нестабилност и успева да постигне значаен напредок. Ние сега сме убедени дека регионалната соработка не претставува алтернатива за европската интеграција, туку значаен елемент на истата -- и политички и економски императив“, рече на состанокот на 10-ти мај комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен.

Бишчевиќ (54) е професионален дипломат од 1992 година. Тој беше амбасадор на Хрватска во Турција и Русија и беше помошник на министерот за надворешни работи од 2002 година. Бишчевиќ ќе продолжи со својата работа во Министерството за надворешни работи до следната година, кога официјално ќе ги преземе должностите во СРС.

Специјалниот координатор на Пактот за стабилност, Ерхард Бусек, рече дека земјите од регионот „мора да го исполнат СРС со живот, да го направат успешна приказна и да покажат дека Југоисточна Европа е поразличен регион сега, отколку во 1990-тите. Успехот ќе бара посветеност на поединечните земји и на целиот регион, и заедничко дејствување со цел да се претстават конкретните цели и интереси“.

Со формирањето на СРС -- финансиран од страна на Европската комисија -- членовите сега мора да покажат дека се подготвени за заедничка соработка, без вклученост на меѓународната заедница. Советот ќе работи како поврзувач помеѓу земјите од регионот и пошироката меѓународна донаторска заедница. Групата ќе ги претставува специфичните регионални интереси; истата ќе ја олеснува регионалната соработка и ќе ги поддржува евроатланските интегративни процеси на членките.

До февруари 2008 година, кога ќе се случи официјалното предавање од Пактот за стабилност на СРС, Бишчевиќ и Бусек ќе работат заедно за да осигурат зачувување на остварувањата на Пактот за стабилност и што е можно полесна транзиција кон новата рамка.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading