16/02/2007
Меѓународната кризна група во четвртокот предупреди дека раното повлекување би можело да го стави во ризик преживувањето на Босна и Херцеговина како обединета држава.
(EУобсервер, Скотсмен - 16/02/07; Меѓународна кризна група - 15/02/07; ФT - 07/02/07)
![]() Ангажманот на ЕУ е клучно за да се спречи распаѓањето на Босна и Херцеговина, се вели во извештајот на МКГ. [EУПМ] |
За да се зацврстат придобивките од поствоената реконструкција на Босна и Херцеговина (БиХ), ЕУ мора да стане централен меѓународен играч во земјата до крајот на оваа година, објави во четвртокот (15-ти февруари) Меѓународната кризна група (МКГ). Истата предупреди дека евентуалниот потег на меѓународната заедница за напуштање на земјата би можел да ја загрози регионалната стабилност.
Новиот документ на 40 страници на групата со седиште во Брисел, насловен како „Осигурување на иднината на Босна: Нова стратегија за меѓународниот ангажман“, беше објавен помалку од две недели пред состанокот на Советот за спроведување на мирот (ССМ) на крајот од овој месец. Ова тело, кое го сочинуваат 55 земји и меѓународни агенции што го обезбедуваат спроведувањето на Дејтонскиот договор, треба да одлучи за идната улога на меѓународната заедница во БиХ.
Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) мора да биде затворена до крајот на оваа година и нејзините Бонски овластувања -- кои й овозможуваат наметнување на легислатива и смена на избраните функционери -- мора да бидат укинати. Наместо тоа, ЕУ треба да ја преземе директната контрола над земјата, усвојувајќи нова политика со цел да се осигури дека спроведувањето на мирот и напредокот на БиХ кон европската интеграција продолжуваат да се движат во вистинскиот правец.
„Меѓународната политика во Босна е во неред и потребна е нова стратегија за ангажманот“, вели МКГ. „Сега не е време да се започне со повлекување: Босна и понатаму не е подготвена за нераководено поседување на својата иднина -- етничкиот национализам и понатаму е премногу силен -- и 2007 година ветува нови тензии со приближувањето на одлуката за статусот на Косово.“
Таа одлука -- која Советот за безбедност на ОН се очекува да ја донесе во текот на следните месеци -- ќе „претставува тест за самата структура на босанската држава“, вели експертската група.
Групата особено ги наведува заканите од страна на премиерот на Република Српска Милорад Додик за свикување референдум во врска со статусот на ентитетот на босанските Срби ако Косово стане независно. „Додик е сé посамоуверен во намерата отворено да го доведе во прашање меѓународното овластување за надзор на спроведувањето на Дејтонскиот договор и градењето на остварливи државни институции. За првпат од 1997 година, постојат вистински изгледи РС да стори нешто повеќе од едноставно опструирање“, предупреди МКГ.
Групата препорача серија чекори што Советот за спроведување на мирот (ССМ), ЕУ и другите меѓународни играчи треба да ги преземат.
Работејќи во соработка со партнерите во БиХ, новиот специјален претставник на ЕУ (ЕУСР) треба да се фокусира на заокружувањето на уставните реформи и спроведувањето на образовните, економските, судските, полициските и медиумските реформи, како и на апсењето на босанските бегалци обвинети за воени злосторства, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, вели групата.
ССМ треба да побара и повеликодушна донаторска поддршка за економскиот развој, создавањето на работни места и подобрувањето на инфраструктурата во БиХ и треба „да инсистира на тоа Србија јавно да се откаже од своите територијални претензии“ кон својот сосед.
Европската комисија мора барем двојно да ја зголеми својата финансиска помош за БиХ и да се осигури дека средствата планирани за 2010 година ќе бидат достигнати до 2008 година, вели групата. Истата треба да ги заврши преговорите за олеснување на визниот режим за земјите од Западен Балкан до јуни и треба да ја „услови помошта за Србија со нејзината соработка со меѓународната политика во Босна“.