12/09/2006
Додека луѓето низ целиот свет им оддадоа почит на жртвите од нападите од 11-ти септември во САД пред пет години, балканските водачи ги повикаа нациите низ целиот свет да останат обединети во борбата против тероризмот и екстремизмот.
(Разни извори -- 11/09/06 - 12/09/06)
![]() Учениците од косовските Албанци ја одбележаа годишнината од терористичките напади од 11-ти септември, во кои загинаа скоро 3.000 лица. [Лаура Хасани] |
Комеморативни церемонии во многу делови на светот, вклучувајќи ги и земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ), ја одбележаа петгодишнината од терористичките напади во Њујорк и Вашингтон, во кои загинаа скоро 3.000 лица.
Романските водачи им се придружија на неколкуте стотици лица, меѓу кои и високите американски и други надворешни дипломати во Букурешт, на собирот во понеделникот пред Националниот театар на главниот град за да им оддадат почит на жртвите од нападите на 11-ти септември.
Претседателот Трајан Басеску и премиерот Калин Попеску Таричеану ги осудија нападите од пред пет години, кога авиони се судрија во кулите-близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк и Пентагон во Вашингтон.
„Тероризмот сака да не претвори сите во живи жртви, да ја уништи цивилизацијата и вредностите во кои веруваме“, рече Таричеану. „Ние имаме огромна одговорност, одговорноста на слободата.“
По нападите на 11-ти септември, кои Таричеану ги нарече „трагична пресвртница“ во светската историја, следеа бомбашки напади на голем број места низ целиот свет, вклучувајќи ги и Мадрид, Истанбул и Лондон.
Приклучувајќи се на светската борба против тероризмот, Романија и другите земји од ЈИЕ -- меѓу кои и Албанија, Бугарија, Хрватска, Грција, Македонија и Турција -- учествуваа со војници во операцијата предводена од НАТО во Авганистан, земја која генералниот секретар на НАТО во понеделникот ја нарече „колевка на 11-ти септември“.
Комеморативни служби и церемонии за одбележување на петтата годишнина се одржаа и во Приштина, Сараево и Софија. Пензиониран бугарски офицер на военото разузнавање, чија снаа, Американка, загина во Светскиот трговски центар, ја истакна потребата од силна меѓународна соработка во глобалната борба против тероризмот.
Во своето обраќање на состанокот на азиските и европските водачи во Хелсинки во понеделникот, грчкиот премиер Костас Караманлис повика на поддршка за меѓурелигискиот дијалог, како начин за справување со глобалните закани што произлегуваат од судирот на културите.
„На овој начин можеме да го зајакнеме гласот на умерените и да й помогнеме на меѓународната заедница во борбата против незнаењето, фанатизмот и омразата, како и во справувањето со заканите, како што се тероризмот и верскиот фанатизам“, грчката новинска агенција АНА-МПА ја цитираше неговата изјава.
Говорејќи на церемонијата во американската амбасада во Сараево, Босна и Херцеговина (БиХ), претседавачот на претседателството Сулејман Тихиќ рече дека неговата земја е посветена на давање целосна поддршка во рамките на меѓународната коалиција против тероризмот.
Зголемената соработка во борбата против тероризмот по нападите од 11-ти септември доведе до замрзнување на средствата и банкарските сметки на лица во БиХ и Албанија за кои се верува дека се поврзани со Ал-каеда или други терористички групи и помогна во спречувањето на потенцијалните нови напади во кои можеа да загинат илјадници луѓе.
Во меѓувреме, неодамнешното истражување на германскиот Маршалов фонд за трансатлански трендови покажа дека сé поголем број луѓе во САД и во 12 европски земји, меѓу кои и Бугарија, Романија и Турција, гледаат во меѓународниот тероризам и исламскиот фундаментализам „исклучително важна“ закана.
Додека минатата година овој став го делеа 58 отсто Европјани, нивниот број се зголеми на 66 отсто, според овогодинешното истражување. Сликата во САД е слична, при што 79 отсто од испитаниците го делат овој став сега, во споредба со 72 отсто минатата година.