27/01/2006
Во Македонија и во другите балкански земји прославите понекогаш завршуваат со трагедија поради раширената практика за пукање со оружје во воздух. Кампањата спонзорирана од УНДП има за цел да ги убеди граѓаните дека она што оди горе мора да падне долу.
Од Марина Стојановска за Southeast European Times во Скопје -- 27/01/06
![]() Населението се повикува да не пука од оружје за време на прославите. [Томислав Георгиев] |
По обичај, почетокот на Новата година е време кога луѓето носат одлуки. Оваа година една од одлуките што беше побарано да ги донесат Македонците беше да се воздржат од пукање од оружје за време на прославите.
„Куршумите не се честитки -- прославете без оружје“ беше слоганот на петнеделната кампања што ја започна Министерството за внатрешни работи во декември, во соработка со Централната канцеларија за контрола на лесното вооружувањена за Југоисточна Европа (СЕЕСАК) на УНДП. Кампањата имаше за цел подигнување на јавната свест за опасностите од пукањето со оружје за време на прославите, преку радио и телевизиски спотови, брошури, постери и летоци. Простиот факт, велат организаторите, е тој дека она што оди горе мора да падне и долу - некаде.
Секоја година прославите се нарушени со некоја трагедија бидејќи веселбарите „не размислуваат што ќе се случи со нивиот куршум“, вели Норимаша Шимомура, заменик-претставникот на УНДП во Македонија.
Еден таков случај, што привлече особено внимание, е кога заскитан куршум погоди една млада девојка за време на прославата за дочек на 2005 година на централниот плоштад во Скопје. Девојката почина два дена подоцна.
Според Министерството за внатрешни работи, помеѓу 31-ви декември 2004 година и 2-ри јануари 2005 година беа пријавени повеќе од 16 инциденти кои вклучуваа употреба на оружје.
Последната кампања за подигнување на јавната свест беше дел од тековните напори на министерството за борба против илегалното оружје во земјата. „Употребата на оружје се зголемува пред и по новогодишните прослави и затоа ние го избравме овој период за кампањата“, рече министерот за внатрешни работи, Томислав Николовски.
Тој рече дека владата постигнала напредок во своите напори да го убеди населението да го предаде нелегалното оружје. Новиот закон за оружјето предвидува зголемени казни за нелегално поседување на оружје. Лицето прогласено за виновно за пукање од пушка на прослави ќе се соочи со затворска казна до 10 години.
„Казните се направени ригорозни за да дадат резултати“, рече министерот.
Проблемот не е ограничен само на Македонија, истакнуваат експертите. Поседувањето на оружје во Албанија, Босна и Херцеговина и Србија и Црна Гора е исто така на мошне високо ниво -- се проценува дека цивили поседуваат околу 3,1 милиони до 3,9 милиони парчиња оружје во четирите земји заедно. Според СЕЕСАК, само околу 1,7 милиони од нив се регистрирани. Низ целиот регион се започнати кампањи слични на онаа во Македонија, кои се совпаѓаат не само со новогодишните прослави, туку и со верските празници како Божик и Рамазан.