19/09/2008
Клучен сведок почина додека бил на лов сам, подгревајќи ги сомневањата за напад во мафијашки стил. Дали Коста Требицка знаел премногу за некој да е спокоен?
Од Balkanblogs за Southeast European Times – 19/09/08
![]() Пожари пламтат во складиштето за муниција Гердец во март, по огромната експлозија. Коста Требицка, бизнисмен чие сведочење фрли светло врз настаните што й претходеле на експлозијата, почина овој месец под мистериозни околности. [Getty Images] |
Шокантната смрт на еден бизнисмен-кодош поттикна коментари кај албанската блогерска заедница. Коста Требицка имаше силно сведочење за трговијата со муниција во Албанија и настаните што й претходеле на катастрофата на Гердец.
Требицка беше пронајден мртов во близина на својот автомобил во оддалечена област, откако сам отишол на лов. Експерти на ФБИ во Вашингтон се приклучија на истрагата бидејќи Требицка, исто така, сведочеше пред американскиот конгрес за аферата со муниција.
Блогерите се лути. Некои ја обвинуваат владата, велејќи дека се работи за очигледно прикривање. Други ги доведуваат во прашање ваквите обвинувања, велејќи дека албанските водачи немале интерес да се ослободат од Требицка, со оглед на тоа што обвинителите веќе го имаа неговото сведочење.
„Од сето она што прочитав, изгледа дека се работи за несреќен случај и за мене не е нормално да се политизира нечија смрт“, пишува Ендри на shekulli.
Пишувајќи на peshkupauje, Фреди верува дека смртта на Требицка е лоша вест за албанскиот премиер Сали Бериша, бидејќи ако ништо друго, тогаш луѓето автоматски ќе се сомневаат во него за заговор. „Но, зошто Бериша би го елиминирал Требицка? Ако навистина се почувствувал загрозен од сведочењето, можел да дејствува поинаку -- затворајќи ја неговата уста со пари или други услуги, како што често се случува во светот на бизнисот.“
Спротивно на тоа, Skenderbeu е сигурен дека смртта „не била несреќен случај“.
„Ова е типично мафијашко убиство -- елиминирање на сведоците“, пишува тој. „Во една работа сум сигурен: на следните избори Бериша и неговото друштво нема да го добијат мојот глас.“
Lejla, пак, ги критикува политичките противници на Бериша дека го користат случајот за постигнување политички поени. „Ова е неверојатно за мене и оваа политичка тактика е одвратна“, пишува таа. „Сите лоши работи што й се случуваат на Албанија тие се обидуваат да й ги накалемат на владата. Ним не им е гајле ни за Албанија -- тие само сакаат да победат на изборите.“
Конечно, Detari предупредува за аматерската детективска работа. „Секој од нас се обидува да биде експерт за криминологија. Знам дека сте гледале многу телевизиски серии за многу компликувани кривични дела, но телевизијата и реалниот живот се две многу различни работи“, пишува тој.