29/08/2008
Иако оствари подобри резултати од другите балкански земји, целокупниот збир на медали на Романија во Пекинг беше помал отколку на последните девет Олимпијади. Блогерите се разочарани.
Од Пол Чочиу за Southeast European Times во Букурешт – 29/08/08
![]() Сандра Избаса од Романија освои златен медал во гимнастика на под за жени на Олимпијадата во Пекинг. [Getty Images] |
Романија беше најуспешна земја од Југоисточна Европа на Олимпијадата во Пекинг. Нејзините спортисти освоија осум медали -- четири златни, три сребрени и една бронзена. Земјата беше 17-та во светот и четврта од поранешните земји на Советскиот блок, зад Русија, Украина и Белорусија.
Сепак, ваквите резултати не беа нешто на што се надеваа Романците. Нивната земја беше центар на Олимпијадите во минатиот период -- во 1988 година, на пример, таа однесе дома 24 медали. Четири години претходно, во Лос Анџелес, романскиот збир на медали ја надмина бројката од 50, вклучително и 19 злата. Не е чудо што многумина блогери изразуваат ужаснатост.
„Нема повеќе медали!“, вели новинарот, поет и блогер Ioan T. Morar. „Сите пресметки за Романија завршуваат тука во Пекинг. Повеќе не освојуваме медали, нема начин, нема кој да го стори тоа.“
„Овојпат само жените освоија златни медали. Што се однесува до мажите, молк и други метали“, додава тој, мислејќи на бронзата на мечувалецот Михаи Ковалиу. „Дали ви се чини дека можевме да сториме повеќе? Дека вината е на судиите? Дека не сме посакувани на врвните позиции? Дека не ги сфативме сериозно натпреварите?“
„Можевме да сториме повеќе“, одговори Nedormitul. „Нема смисла да се прогласуваат судиите за виновни бидејќи многу проблеми лежат во нас ... Наш проблем е што немаме спортска култура за аматери. Имаме малку натпревари и тоа лошо организирани. Не се работи секогаш за пари.“
Steluta е поголем ентузијаст. „Треба да ни е драго што успеавме да влеземе во многу финалиња“, пишува таа. „Пред сé, мораме да сме горди на нашите спортисти. Тие не се осрамотија себеси и јас не мислам дека треба да ги критикуваме. Некултурно е да почнеме да користиме зборови на незадоволство и прекор. Спортскиот дух мора да остане најдобар и најчист дел од духот, како за спортистите, така и за луѓето воопшто.“
„Спортовите паѓаат во вода во Романија“, контрира Mitache. „Ќе добиеме помалку медали на следната Олимпијада. Спортовите деновиве во Романија зависат од ентузијазмот од страна на вљубениците кои се пробиваат напред без пари, средства и награди. Колку долго може да трае вака?“
Magnus ја гледа големата слика: „Спортовите си се спортови -- без оглед на бројот на медали. Важно е да се учествува на ваков голем настан на секои четири години. Останатото е глупост. Спортовите треба да ги обединуваат луѓето, а не да ги делат.“