Судењето на Караџиќ: ново поглавје за Србија?

01/08/2008

Во Србија на сите страни се слушаат коментари за екстрадицијата на Радован Караџиќ и претстојното судење, и што тоа ќе значи за иднината на Србија.

Од Жељана Грубишиќ за Southeast European Times -- 01/08/08

photo

Продавач во Белград го следи преносот во живо од првото појавување пред судот на осомничениот за воени злосторства од босанските Срби Радован Караџиќ, во четвртокот (31-ви јули) во Хаг. [Getty Images]

Во четвртокот (31-ви јули) светот за првпат по многу години го виде Радован Караџиќ -- вистинскиот Караџиќ, без маската на исцелител и висечката брада. На блоговите и форумите низ цела Србија, во меѓувреме, луѓето коментираат за апсењето и што тоа би можело да значи за иднината на земјата.

„Србија докажа дека е држава што ги почитува своите закони“, пишува Lili на Радио Телевизија Србије. Таа ја повикува националистичката Српска радикална партија -- која бурно се спротивстави на екстрадицијата -- да го промени својот став и да работи на градењето граѓанско општество. Време е да се претстави Србија „како правна држава на чесен народ“, заклучува таа.

Другите се согласуваат. „Конечно! Сега [ајде] да ги фатиме само уште другите двајца и да продолжиме со нашите животи бидејќи изгубивме две децении“, вели anonymous. Друг коментатор, Stric iz evropske unije, смета дека е време Србија „да затвори едно поглавје. Ајде да не гледаме назад. Да погледнеме напред. За Србија“.

Иако скоро сите се согласуваат дека на Караџиќ треба да му се суди, не мислат сите дека тоа треба да биде во Хаг. „Се надевав дека нему ќе му се суди во Србија. Изненаден сум од оваа екстрадиција. Неочекувано“, пишува Vladimir Pantelic.

„Да, нему требаше да му се суди во нашата земја, пред нашиот суд, а не во Хаг, кој ги ослободи Насер Ориќ и Рамуш Харадинај“, се согласува Iskreni patriota. „Дали е ова правда? Дали е ова праведна и добра Европа во која толку многу чекаме да влеземе? ... Хаг не е објективен суд и затоа постојат негативни реакции на неговата екстрадиција.“

Neka je реплицира. „А зошто тоа да биде наша работа? Наша работа беше да го спречиме да врши злосторства, но ние не успеавме во тоа. Нека биде суден пред светот бидејќи ние не сме објективи.“

„Има Господ“, вели Hag, „Ајде да ги уапсиме уште овие двајца и да почнеме да си ги живееме нашите животи нормално како и остатокот од Европа. Тие ја уништија нашата младост [како луѓе]. Барем нашите идни генерации нека имаат подобра младост. Србија ќе влезе во ЕУ, иако некои би сакале Србија да биде опколена со бодликава жица. Нивната желба нема да се оствари. Да живее Србија!!!“

„Ние, Србите, мора да се помириме со фактот дека сите обвинети [воени злосторници] мора да се соочат со правдата ... ако [Караџиќ] се грижеше за српскиот народ, ќе се предадеше уште одамна, тој и Ратко Младиќ ... Ние мораме да се свртиме кон иднината и подобар живот. Тие му припаѓаат на минатото“, инсистира Zoki.

„Камо сето ова со воените злосторства да завршеше уште одамна, Србија ќе станеше Европа и ние ќе почневме да живееме подобар живот“, гласно размислува vreme je. „Мораме да престанеме да се караме меѓу себе и да се мрзиме меѓу себе. Мораме да го оставиме минатото зад себе и да се свртиме кон подобар живот, да погледнеме кон иднината за нас и нашите деца. Србија го заслужува тоа.“

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading