13/06/2008
Неодамнешниот напад врз новинар предизвика реакции помеѓу блогерите во врска со слободата на печатот, слободата на говорот, правниот систем и полицискиот апарат во Хрватска.
Од Давор Коњикушиќ за Southeast European Times во Загреб -- 13/06/08
![]() Хрват чита „Јутрањи лист“. [Getty Images] |
Душан Миљуш, долгогодишен хрватски новинар за криминалот, беше претепан на 2-ри јуни во Загреб. Напаѓачите со метални шипки го нападнале Миљуш, кој го испитувал криминалот и корупцијата за хрватскиот весник Јутарњи лист, пред неговата куќа. Тој и понатаму се наоѓа во болница, со потрес на мозокот и скршена рака.
„Уличните напади, тепачките и нападите со нож на луѓето кои говорат различни дијалекти ги уништуваат сите добри манири на Загреб, со невообичаено „црно“ однесување на улиците што изгледа дека не носи кон црна иднина“, пишува Aida на веб-страницата на Јутарњи лист.
„Се согласувам со критиките на Европската комисија за нападот“, продолжуваа таа. „Исто така, се согласувам со нејзиното барање дека државата мора да ги пронајде извршителите ... Нападот врз Миљуш претставува напад врз слободата на говорот, така што тоа е и напад врз личната слобода.“
Во знак на солидарност, хрватските новинари протестираа пред владата, барајќи апсење на мафијашките „босови“ и оние кои ги напаѓаат членовите на печатот. Новинарите сметаат дека е особено навредлива реакцијата на хрватскиот министер за внатрешни работи, Берислав Рончевиќ, кој едноставно праша: „Кој е Душко Миљуш?“
„Наместо излегувањето на улиците со безбол палки, како што предложија некои од претставниците на Здружението на хрватските новинари, јас ја поддржувам идејата на генерален новинарски штрајк“, пишува Жељко Ператовиќ, исто така истражен новинар, на неговиот блог 45 lines. „Мафијашите за кои пишуваше Миљуш дошле до парите со оружје, дрога и трговија со луѓе“, додава тој.
Популарниот хрватски Mracni blog посвети цел оддел на инцидентот под наслов „Пенкалото е посилно од меч, ако мечот е кус, а пенкалото е доволно остро.“
Фалејќи го Миљуш како „еден од ретките луѓе кои се решаваат да пишуваат за криминалните активности и нивното влијание врз нашата земја“ блогот се жали дека одмаздата на мафијашите е премногу вообичаена. „Пред извесно време, во времето на Игор Радјеновиќ, директорот на претпријатието Загребски патишта беше претепан само што се подготвуваше да ги испита сомнителните зделки во своето претпријатие.“
Миљуш, додава блогот, исто така ја почувствува „силата на стапот“, што докажува дека бил трн во нечие око.
„Додека државата и нејзините институции не започна да работат соодветно, додека судовите не започнат да работат правично, и додека последиците од криминалните дејства не бидат доволно сурови за да ги обесхрабрат оние кои размислуваат за такво нешто, сите оние што сакаат да живеат во нешто подобро и поубаво општество, ќе бидат претепувани“, заклучува Mracni blog.