30/05/2008
Тоа ни оддалеку не личи на масовните прослави во минатото. Но, секоја година на 25-ти мај луѓето сé уште се собираат на гробот на Тито и во неговиот роден крај за да го одбележат роденденот на починатиот комунистички водач.
Од Давор Коњикушиќ за Southeast European Times во Белград -- 30/05/08
![]() Жена положува цвеќе во спомен на поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито. [Давор Коњикушиќ] |
Во стара Југославија, роденденот на комунистичкиот водач Јосип Броз Тито беше државен празник. Работниците, обичните граѓани, војниците и Младите пионери излегуваа да му оддадат почест на доживотниот претседател.
Тоа беше исто и Ден на младоста, кој кулминираше со финалната прослава на белградскиот фудбалски стадион. Тито, гледајќи ги прославите од својата ложа, ја примаше штафетата од последниот тркач на Штафетата на младоста.
Тито е најверојатно роден на 7-ми мај, но неговиот роденден се прославуваше на 25-ти мај. Дури и денес луѓето продолжуваат да го прославуваат. Двете главни локации на комеморациите за Тито се: селото Кумровец, неговото родно место во Хрватска и неговиот гроб во Белград, познат како Куќа на цвеќето. Повеќе од 2.000 посетители од цела поранешна Југославија го посетија мавзолејот за време на овогодинешната прослава.
Lilanina, блогер од Белград, се сеќава како било некогаш. „Секој 25-ти мај јас се радував на еден роденден“, пишува таа. „Мојата тетка, сестра ми и јас се подготвувавме долго време за тој посебен ден. Ќе напишевме песна, ќе направевме штафета од црвено кадифе и ќе побаравме соодветна црвена врвка. Потоа ќе се облечевме убаво и ќе трчавме по целата улица за да й ја предадеме штафетата на баба ми. Таа имаше роденден на истиот ден како Тито. Ќе ја изрецитиравме нашата песна, а потоа таа ќе ни дадеше сок и колачи.“
На B92, пак, започна подлабинска дискусија за роденденот на Тито и неговата улога во историјата.
„Во времето на Тито беше многу подобро отколку по него“, тврди Баки. „Нашата лоша ситуација денес не е поврзана со политиката на Тито. Тој беше почитуван од Запад, Исток и блокот на неврзаните. Ако слоганот „И по Тито, Тито, беше исполнет, денес ќе бевме во ЕУ и ќе имавме водечка улога.“
Другите корисници на форумите не се согласуваат. „Сите оние кои пишуваат колку прекрасно било да се живее со Тито ме потсетуваат на коцкари“, пишува еден. „Во казината, коцкарот е опкружен со величенствен амбиент и најубави жени и пие најскапи пијалаци ... Секој коцкар понекогаш мора да излезе од казино и да се соочи со реалноста.“
Tinolovka, блогер од Хрватска, ги критикува прославите во родниот град на Тито. „Таа забава, „балот на вампири“ во Кумровец, навистина не е потребна“, пишува тој. „Секој собир на луѓе кои носат обележја на кој било комунистички, фашистички или тоталитарен режим треба да биде строго забранет. Мораме да го казниме секој криминал, бидејќи жртвата е жртва -- без исклучок.“
Коментирајќи на блогот, Марисол пишува: „За мене Тито беше позитивна фигура, што и да пишуваат луѓето за него. Мојот татко ја напушти Комунистичката партија по „Хрватската пролет, а потоа и тој беше против комунизмот, но вистина е дека живеевме многу подобро во „мракот“ отколку сега, кога сме преплавени со „светлина“.
Obadzo како да е позаинтересиран за љубовниот живот на починатиот диктатор. „Кога ќе ги избројам, се чини дека во целата хрватска историја не сме имале Хрват кој освоил толку многу срца и водел љубов со толку многу убави жени“, пишува тој.