Повеќе од финансиска криза

29/09/2008

Она што се случува е некој вид на „совршена бура“, која ги откри сите регулаторни и политички недостатоци на разни страни, пишува пратеникот во Европскиот Парламент и поранешен министер за финансии на Романија Даниел Дајану.

Од Даниел Дајану за Southeast European Times – 29/09/08

photo

Со развојот на актуелната криза, стана јасно дека сме соочени со настан кој ќе има долготрајни последици. [Getty Images]

Не дека не постоеше предупредување. Со години економските и финансиските експерти зборуваа дека глобалниот финансиски систем се соочува со потенцијално катастрофална опасност. Александар Ламфалуши, на пример, укажа на штетноста на користење на дериватите кои поттикнуваат нестабилност и ги зголемуваат системските ризици во контекст на глобалните пазари. Во интервјуто за ББС-и во 2003-та година, Ворен Бафе ги нарече синтетичките производи „финансиско оружје за масовно уништување“. Други го критикуваа порастот на „коцкарскиот начин на тргување“.

Предвидувањата се исполнија. Со развојот на актуелната криза, стана јасно дека сме соочени со настан кој ќе има долготрајни последици. Истовремено, заради меѓуповрзаната природа на светскиот пазар, не е поштедена ниту една земја или хемисфера. Директно или индиректно, кризата влијае врз сите нас.

Економиите од Југоисточна Европа, како многу други нови и транзициски економии, изолирани се делумно заради слабиот развој на нивните финансиски пазари. За иронијата да биде поголема, благодарение на нивните помалку софистицирани пазари, помалку се изложени на најголемиот дебакл кој ги зафати понапредните економии. Сепак, овие економии не можат да ги избегнат последиците од глобалното економско забавување, порастот на цената на кредитите и намалениот апетит за ризикување.

Глобалната димензија на финансиската криза е можда нејзина најважна карактеристика. Во минатото, ваквите кризи главно беа локализирани и поедноставно решавани. Овој пат, разликата е во брзото ширење на интензивните финансиски иновации, конкретно начините на создавање и дистрибуција кои ги воведоа водечките банки. Тоа овозможи проширување на ризикот во многу поголем размер за сметка на транспарентноста.

Заради тоа појавата на банкарскиот систем во сенка, кој главно е нерегулиран и без соодветна контрола, донесе нетранспарентност на финансиските пазари и ги истакна системските ризици. Довербата во моќта на пазарите „сами да се излечат“ не донесе резултати како што некои очекуваа.

photo

Ворен Бафе рече дека синтетичките производи се „финансиско оружје за масовно уништување“. [Getty Images]

Секуритизацијата на станбените кредити ги прошири финансиските ризици на целата економија така што изложеноста на банките на ненаплатливи кредити номинално постана минимална. Меѓутоа, заради препакувањето на станбените кредити во сложени колатерализирани долгови стана тешко да се одреди кој што има. Иронично е тоа што финансиските иновации наменети за намалување на ризикот на поединечно или микро ниво на крајот го зголемија тој ризик на макро ниво, и на тој начин го зголемија системскиот ризик. Покрај тоа, овие иновации го фаворизираа шпекулативното тргување.

Како и секоја криза, и оваа носи список на поуки и пожелни постапки за креаторите на политиката. Двата најважни предизвици кои претстојат се однесуваат на транспарентноста и ликвидноста. Ќе се јави и притисок да се наметне поголема одговорност. Како што стојат работите денес, централните банки и ММФ имаат намера да обезбедат бесплатна финансиска помош. Финансиските институции би се однесувале подисциплинирано доколку би се соочиле со финансиски пенали. На пример, би можеле да се воведат посебни мерки за одвраќање од шпекулативното тргување.

Традиционалните начини за проценка на ризикот се веќе застарени. Сложеноста на денешните инструменти на финансискиот пазар ги прави овие модели несигурни. Квантитативните модели за обликување на инвестициските одлуки и проценка на ризикот на финансиските пазари инхерентно донесоа „вграден“ концептуелен недостаток. Ризикот не може да се изолира во неколку бројки, па затоа е потребен сеопфатен опис. Најтешка задача со која се соочуваат креаторите на политиката е да се борат против опсегот за поголеми финансиски ризици кога финансиските иновации се многу јаки.

Исто така, се покажа дека и регулаторната пракса е застарена. Постоечкиот систен сеуште функционира врз основа на премисата дека банкарските институции се едно, а пазарите на хартии од вредност нешто сосем друго. Меѓутоа, оваа премиса не е изводлива денес. Покрај тоа, не е посветено доволно внимание на регулирањето на банкарскиот систем во сенка. Постои потреба за подобра регулаторна рамка, која би ги регулирала сите тие институции во целина.

photo

Дури ни слабо развиените економии од Југоисточна Европа не можат да ја избегнат кредитната криза. [File]

Регулаторната рамка Базел II беше смислена за да спречи кризата воопшто да се случи. Актуелната криза откри недостатоци во нејзиниот концепт, укажувајќи на веројатна потреба за контрациклични инструменти за контрола, за механизам кој ги поврзува капиталните потреби со стапката на промена на банкарското кредитирање и цената на имотот, како и за ограничувања на оптимизацијата на изворите на средства.

И компензационите пакети ќе се најдат на удар. Поттикот на менаџерите да остварат профит во краток рок не се секогаш во согласност со долгорочните планови за проширување на компанијата. Притисокот да се постигнат краткорочни резултати може да донесе долгорочни маки. Компензационите пакети можат да се ревидираат така што ризикувањето нема да се наградува за сметка на претпазливоста.

Активностите на рејтинг агенциите, исто така, ќе бидат разгледани. Конфликтите на интереси, слепото верување во квантитативните модели и недоволното внимание на системските ризици се некои од прашањата кои ќе бидат разгледани.

Потребна е и поголема координација помеѓу националните надзорни и регулаторни тела. Но, проблемот не може да се реши само на национално ниво; за глобалните финансиски пазари потребен е глобален пристап. Потребна е транснационална соработка со цел да се ограничат потенцијално деструктивните ефекти на светскиот финансиски систем и на реалните економии. И на крајот, но не и најмалку важно, постоечката агонија укажува на опасностите на политичкиот фундаментализам и потребата за поголем прагматизам, посебно кога се во прашање вистинските животи.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading