Бурно лето за македонската политика

22/09/2008

Само неколку месеци пред објавувањето на извештајот на Европската Комисија, Македонија мораше да се соочи со бојкоти на парламентот, закана за отповикување и актуелниот спор околу името со Грција.

Од Марина Стојановска за Southeast European Times во Скопје -- 22/09/08

photo

Македонската опозициска партија, Социјалдемократскиот сојуз, организираше протест пред Судот во Скопје по апсењето на градоначалникот на Струмица и потпретседател на партијата, Зоран Заев. [Getty Images]

Како да не беше доволно жешко летото во Македонија, туку и политичката сцена беше зафатена од криза. Во јули, коалицијата „Сонце“ предводена од Социјал демократите го напушти парламентот, протестирајќи против апсењето на градоначалникот на Струмица Зоран Заев. Членовите на Демократската Партија на Албанците (ДПА), исто така, го бојкотираа парламентот заради, како што тврдат тие, невалидните изборни резултати.

Како резултат на овие бојкоти, за прв пат од независноста, новата македонска влада беше изгласана во отсуство на опозицијата, како и без дискусија во парламентот.

Заев беше ослободен, но тоа го разлути јавниот обвинител, кој поднесе две жалби. Кривичниот совет ја прифати втората жалба и одлучи да го стави Заев во притвор, поттикнувајќи нови протести. На крајот се замеша претседателот Бранко Црвенковски кој рече дека ќе го амнестира Заев, а како замена за тоа опозицијата да се врати во парламентот. Ова е втор пат македонски претседател да го искористи ова право. Првиот пат беше во 2003 година, кога покојниот претседател Борис Трајковски ги амнестираше поранешната министерка за внатрешни работи Доста Димовска и екс директорот на Петтата управа, Александар Цветков, во врска со аферата со прислушкувањето.

Кога конечно се смирија страстите околу аферата Заев, се појави нова бура. Без претходно предупредување, владејачката партија и нејзините партнери усвоија нови правила за парламентарната процедура. Старите правила беа огромна препрека за претходната парламентарна формација.

Потоа мнозинството воведе неколку нови закони за енергетиката, работните односи, лобирањето и застапувањето, експропријацијата и употребата на албанскиот јазик. ДПА се спротивстави на последниот закон, обвинувајќи ја конкурентната партија на Албанците -- Демократската унија за интеграција -- дека ги изневерила албанските интереси.

Невладините организации се жалеа околу законот за лобирање, а синдикатите беа незадоволни од законот за работните односи, кој претседателот Црвенковски одби да го потпише. Претседателот ги искористи своите права на уште еден фронт, ветувајќи и на ДПА дека ќе стави вето на законот за албанскиот закон доколку партијата се врати во парламентот.

photo

Македонскиот премиер Никола Груевски. [Getty Images]

Сето ова се случува само неколку месеци пред извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија, кој треба да биде објавен во ноември. Една од главните задачи што ЕУ ги постави беше подобрување на соработката помеѓу владата и претседателот. Друга задача беше усвојување на правилата за парламентарната процедура со широк политички консензус.

Бидејќи кризата продолжи, мисијата на ЕУ во Скопје реагираше со потсетување дека конструктивниот дијалог и консензусот се едни од условите за да се обезбеди датум за преговори за влез на Македонија во ЕУ.

Според Црвенковски, неуспехот да се реши кризата ја нагрбува Македонија со „делумна демократија“ и претставува причина земјата да не добие датум за преговори како што се надеваше.

Сепак, интервенциите на претседателот едноставно предизвикаа нови полемики, а некои законодавци побараа негово отповикување. Премиерот Никола Груевски мораше да се замеша и рече дека неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ, нема намера да отпочне постапка за отповикување. „Ние сакаме да го поразиме господинот Црвенковски на изборите, а не на некој друг начин“, рече тој.

Коалицијата „Сонце“ сега повторно е во парламентот, но рече дека ќе ги отповика, во Уставниот суд, законите кои беа усвоени од парламентот за време на нејзиниот бојкот. Пратениците на ДПА се уште не се вратени во парламентот, но велат дека ќе се вратат веднаш штом нивниот нацрт-закон за употребата на јазиците ќе се појави на агендата.

Сепак, иднината за ноемврискиот извештај на ЕК останува неизвесна. И додека политичката борба му дава на Брисел причина за подигнување на многу црвени знамиња, таа исто така го поткопува тврдењето на владата дека Грција е главната пречка за напредокот на Македонија кон ЕУ. Македонија и Грција се заглавени во остар спор околу името, а грчките лидери јасно ставија до знаење дека ќе го искористат своето право на вето во Унијата.

„Ги исполнавме сите услови што Брисел ги побара од нас“, рече Груевски на 7-ми септември, додавајќи дека спорот со името е единствената причина што Македонија се уште не добила датум за започнување на преговорите. Но, претставниците на ЕУ имаат поинакво мислење, укажувајќи дека проблемите се исто толку во Скопје колку и во Атина.

„Потребни се значителни понатамошни напори пред да ги штиклираме сите квадратчиња“, рече еврокомесарот за проширување Оли Рен, повикувајќи ја владата „да го преземе водството со цел да обезбеди целосно функционирање на демократските институции, како и да го подобри политичкиот дијалог“.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading