18/08/2008
Генерал мајорот на американската војска Ричард Вајтмен е командант на штабот на НАТО во Сараево, кој и помага на Босна и Херцеговина при спроведувањето на реформите во системот на одбраната и учествува во уништувањето на мрежите кои им помагаат на хашките обвинети кои се во бегство. Во интервјуто со дописникот на Southeast European Times Антонио Прленда, Вајтмен ја коментира актуелната ситуација во регионот.
Од Антонио Прленда за Southeast European Times во Сараево – 08/08/08
![]() Командантот на штабот на НАТО во Сараево, генерал мајор Ричард Вајтмен смета дека за апсење на преостанатите обвинети кои се во бегство потребни се политички и дипломатски иницијативи. [Антонио Прленда] |
Southeast European Times: Има ли знаци дека, после апсењето на Радован Караџиќ, преостанатите обвинети кои се во бегство би можеле конечно да се најдат пред лицето на правдата?
Генерал Ричард Вајтмен: Откако е потпишан Меморандумот за разбирање со Хашкиот трибунал на 9-ти мај 1996-та година, НАТО уапси 29 обвинети и уште многу пати помогна за испорачување на таквите лица во Хаг. Од вкупно 120 лица обвинети за воени злосторства во Босна и Херцеговина (БиХ), само едно, Ратко Младиќ, и понатаму е на слобода. Активно го спроведуваме нашиот мандат и му помагаме на Хашкиот трибунал. Секогаш одржувавме притисок врз помагачите на тие злочинци и запленивме голем број докази кои ги поделивме со Хашкиот трибунал. Фактот дека обвинетите кои се во бегство се апсат надвор од границите на БиХ покажува дека бевме ефикасни во настојувањата да не им дозволиме оваа земја да им биде засолниште. Апсењето на Караџиќ и очекуваното апсење на Младиќ јасно покажуваат дека политичките и дипломатските иницијативи сега се пресудни фактори за испорака на овие злочинци во Хаг.
SETimes: Какво е значењето на Засилениот дијалог за аспирациите на БиХ да стане полноправна членка на НАТО? Каков е временскиот распоред за МАП и полноправното членство во НАТО?
Вајтмен: Одлуката на НАТО да ги покани БиХ и Црна Гора да учествуваат во Засилениот дијалог е дополнителен доказ дека сакаме да помогнеме во одржување на безбедноста и стабилноста во Западен Балкан. Покрај тоа, поканата е резултат на напорите на НАТО за интеграција на институциите и агенциите на БиХ. Реформите во системот на одбраната остануваат еден од најголемите реформски успеси во БиХ и продолжува да биде пример за тоа што може да се постигне кога постои единство, соработка и дијалог меѓу луѓето.
Целта на Засилениот дијалог е да им помогне на земјите подобро да се разбираат и, што е уште позначајно, да спроведат многу стандарди кои ќе мора да ги исполнат за да станат веродостојни кандидати за членство во НАТО. Засилениот дијалог ќе даде можност за сеопфатен дијалог за правата и обврските кои ги носи членството во НАТО, како и да понуди разни стручни знаења за тоа што се очекува од БиХ во наредните години.
Бидејќи Засилениот дијалог оди по својот тек, фокусот ќе остане врз спроведувањето на потребните реформи за понатамошен напредок на БиХ на патот кон евроатлантски интеграции. Властите во БиХ ќе треба да ги концентрираат нивните напори на практични активности и реализација на веќе преземените обврски во рамките на Партнерството за мир (ПЗМ). НАТО ќе продолжи да пружа помош, совети и поддршка.
Во однос на временскиот распоред за Акциониот план за членство и полноправното членство во НАТО, не смееме да го изгубиме од вид фактот дека одлуката за проширување на членството во НАТО на БиХ е политичка одлука која мора да ја донесат сите НАТО сојузници. Оваа одлука ќе биде донесена во Брисел врз основа на проценките за напредокот остварен во оваа земја. Ако БиХ е сериозна во надворешнополитичката цел да влезе во НАТО, мора да продолжи да покажува напредок во сеопфатните реформи за да стане веродостоен кандидат. Бројни се чекорите кои треба да се преземат пред членството во НАТО; БиХ мора да ги преземе тие чекори со истата посветеност и визија што беа покажани при спроведувањето на реформите во одбраната.
![]() Босна и Херцеговина влезе во Партнерството за мир во декември 2006-та година. [НАТО] |
SETimes: Во која фаза се реформите во одбраната и кои чекори треба да следат?
Вајтмен: Реформите во системот на одбраната главно се фокусирани врз спроведување на реформите кои веќе почнаа со донесувањето на Законот за одбраната од 2005-та година и Законот за служба во вооружените сили на БиХ (ВСБиХ). Покрај тоа, не смееме да заборавиме дека реформите во системот на одбраната со себе носат и обврски што БиХ веќе ги презеде, како и обврски кои се преземени во рамките на ПЗМ, вклучувајќи ги и целите на реформите во рамките на Процесот за планирање и проверка, како и пошироки безбедносни и политички обврски кои ќе ги преземе БиХ со развојот на процесот за Индивидуалниот партнерски план за членство. Другите барања ќе произлезат од програмата што ќе биде направена, како и понатамошните обврски од Засилениот дијалог. За БиХ клучно ќе биде да ги исполни обврските од ПЗМ и да продолжи со спроведување на оние реформи кои се потребни за примена на сите закони и одредби во врска со одбраната. Се разбира, НАТО е заинтересиран за развој на воспоставувањето на капацитети кои би можеле да учествуваат во колективни безбедносни операции.
Во поглед на конкретните чекори на среден рок, договорената структура на вооружените сили мора да биде во целост спроведена во согласност со одлуката на Претседателството на БиХ која ја дефинира постоечката големина и структура на ВСБиХ. Единиците и другите елементи на таа структура мора бидат соодветно опремени и обучени и поддржани од широкиот спектар на одбрамбени оперативни системи како управување со кадарот и ресурсите; планирање, програмирање и буџетирање; образование и обука; аквизиции набавки; итн. Се ова мора да биде засновано врз квалитетни планови, политики и доктрини. Покрај тоа, голем дел од имплементацијата на структурата на вооружените сили ќе биде да се обезбеди брз и ефикасен трансфер на подвижната сопственост во комбинација со забрзан напредок во отстранувањето на вишокот оружје и муниција.
Покрај тоа, БиХ досега оствари добар почетен напредок во развојот на координација и соработка помеѓу владините министерства и агенции. Посебно треба да се истакне Тимот за координација со НАТО на Советот на министри на БиХ, кој досега сјајно работеше во управувањето на развојот на сите активности за реализација на аспирациите на БиХ; овој процес мора да продолжи да се подобрува со дополнителното ангажирање на БиХ во рамките на НАТО, односно ПЗМ.
Постигнувањето на уверлива кандидатура за членство во НАТО ќе биде тежок процес, кој ќе бара соработка, координација, комуникација и синергија помеѓу сите актери во БиХ. БиХ не е сама во таа задача и НАТО ќе продолжи да ја поддржува во нејзините напори да напредува во рамките на Алијансата.
SETimes: Дали тензиите помеѓу Косово и Србија влијаат врз безбедносната ситуација во БиХ?
Вајтмен: Нашиот став секогаш беше дека нема споредба помеѓу ситуацијата на Косово и таа во БиХ. Во моментот на прогласувањето на незвисност на Косово, имаше обиди од страна на радикалите и националистите да предизвикаат емоционални реакции и да создадат регионална тензија. Тие обиди пропаднаа. Како што видовме во Белград после апсењето на Караџиќ, во Србија постои ново и прогресивно расположение кое се надева на европска иднина.