Хрватска може да го напушти Движењето на неврзаните земји

11/08/2008

На хрватските лидери им претстои тешка одлука. Движењето на неврзаните земји му помогна на Загреб да добие место во Советот за безбедност. Но, сега земјата, која ќе стане членка на НАТО, размислува да се повлече од организацијата, основана од Тито.

Од Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб - 11/08/08

photo

Движењето на неврзаните е политичко движење, во кое моментно доминираат Куба и Иран [ДНЗ]

Хрватска, која заедно со Албанија, доби покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт во април и ќе се приклучи кон Алијансата до средината на 2009-та година, можеби ќе мора да го прекине своето членство во контроверзната светска организација Движењето на неврзаните земји (ДНЗ).

Иако едното членство не го исклучува другото, постои потенцијален конфликт на интереси. ДНЗ е политичко движење, во кое во моментов доминираат Куба и Иран. Хрватска досега имаше статус на набљудувач. Босна и Херцеговина и Србија имаат ист статус, бидејќи овие поранешни југословенски републики се дистанцираа од блокот на поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито по распаѓањето на земјата.

Меѓутоа, во 2006-та година хрватскиот претседател Стипе Месиќ присуствуваше на самитот на ДНЗ во Хавана. Неговото присуство предизвика многу негативни реакции во Хрватска, како и во ЕУ и Соединетите Американски Држави.

Според неговите советници, Месиќ не отиде во Куба само да потврди дека Хрватска се уште ги дели вредностите на „неутралност“ и „мирна коегзистенција“, туку и за да го започне процесот на лобирање кој би и помогнал на Хрватска да добие статус на непостојана земја-членка во Советот за безбедност. Доколу Хравтска ги добиеше гласовите од земјите од ДНЗ -- што на крајот и се случи -- тогаш местото во Советот за безбедност ќе и беше загарантирано.

photo

Хрватскиот претседател Стипе Месиќ присуствуваше на самитот на ДНЗ во Хавана во 2006-та година. [Getty Images]

Но, ова постигнување го прави напуштањето на ДНЗ потешко за раководството, бидејќи земјите на НДЗ имаа големи очекувања во однос на двегодишниот мандат на Хрватска во Советот за безбедност.

Со своите 188 членки, главно од Африка, Азија и Латинска Америка, ДНЗ е огромна организација. Таа се разликува од другите релевантни светски организации бидејќи нема вистинско раководство, ни уставни документи или хиерархија. Повеќе од две третини од земјите-членки на ОН се и членки на ДНЗ. Малта и Кипар беа членки на ДНЗ до 2004-та година, кога станаа членки на ЕУ. Оттогаш тие целосно се повлекоа од организацијата.

Заминувањето на Хрватска ќе биде многу симболичен чекор. Најпосле, Тито беше тој што го основа ДНЗ во 1955-та година. Тој беше иницијатор на првиот самит во 1961-та година и беше првиот генерален секретар на организацијата. Заедно со пријателите од неутралните земји за време на Студената Војна -- главно поранешни колонии и т.н земји од Третиот Свет, Тито одлучи да формира политички блок, кој ќе се состои од земји, кои не припаѓаа ниту на НАТО, ниту на Варшавскиот пакт. Неговата идеја беше веднаш прифатена од страна на претседателот на Индија Џавалахарал Нехру, Џамал Абдул Насер на Египет и Сукарно на Индонезија.

По падот на комунизмот, се чини дека организацијата премина во еден антизападен и особено антиамерикански клуб. Отвореното осудување на политиката на Вашингтон е основа на секој самит. Така се компромитира неутралноста на организацијата, која е една од главните вредности според нејзиниот статут. Според некои тоа не е ништо ново. Најпосле, Тито направи се за да привлече земји од Третиот Свет и често на средбите присуствуваа контроверзни лидери.

Во моментот на нејзиното распаѓање поранешна Југославија раководеше со институцијата. Хрватскиот претседател Месиќ и неговиот словенечки колега, покојниот Јанез Дрновшек, раководеа со самитот на ДНЗ, и покрај тоа што двете републики имаа намера секоја да тргне по свој пат. Белград, пак, беше домаќин на самитот на ДНЗ во 1989-та година, кога соопштенијата на медиумите главно беа фокусирани врз либискиот лидер полковник Гадафи, кој спиеше во приватен шатор и донесе неколку арапски камили, кои потоа ги подари на зоолошката градина во Белград.

photo

Движењето на неврзаните беше основано од тогашниот југословенски претседател Јосип Броз Тито. [File]

Будимир Лончар, долгогодишен дипломат и советник за надворешна политика на Месиќ, беше првиот поддржувач на идејата да се искористи ДНЗ за поддршка на кандидатурата на Хрватска во Советот за безбедност. Тој тврди дека членството во ДНЗ не му противречи на членството во НАТО. „Движењето опстои дури и по Студената Војна и тоа покажува дека тоа е политички важно не само за неговите членови, туку и за ОН“, изјави тој за Јутарни Лист.

Иво Банач, професор на универзитетот Јеил и претседател на Хелсиншкиот комитет во Хрватска, го дели ова мислење. Тој ги советува официјалните претставници на Хрватска да го задржат статусот на земја-набљудувач. Тоа значи дека не треба да гласате или одлучувате, туку дека имате добра позиција за лобирање за вашите цели“, вели Банач.

Досега претседателот и премиерот не дадоа на знаење кога Хрватска ќе го направи својот потег. Во меѓувреме политичките аналитичари предлагаат дека е помудро да не се прави ништо до крајот на идната година. Хрватска ќе влезе во НАТО во првата половина од 2009 година, а нејзиното членство во Советот за безбедност ќе заврши до крајот на истата година. После тоа земјата ќе може да одлучи дали двете членски карти се премногу за неа.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading