21/07/2008
Стапката на невработеност во Бугарија и Романија беше пониска од просекот на ЕУ за 2007 година, додека пак во другите балкански земји и понатаму е во пораст и бi можела да присили уште повеќе млади луѓе да ги напуштат домовите во потрага за работа.
Светла Димитрова за Southeast European Times во Софија - 02/07/08
![]() Од приближно 1,6 милиони пријавени вработени лица во бугарскиот приватен сектор, над 610.000 се во производството. [Getty images] |
Невработеноста во Бугарија продолжи да опаѓа, достигнувајќи во мај просек од 6,2 отсто, во однос на 6,5 отсто од претходниот месец, рече Агенцијата за вработување во оваа балканска земја во средината на јуни. Од скоро 14,000 нови работни места, над 2,000 беа за сезонска работа во туризмот, земјоделскиот транспорт, шумарството и други сектори, додека пак речиси исто толку беа опфатени со посебните програми за вработување.
Во Софија, Пловдив, Варна, Бургас и неколку други градови во Бугарија, стапката на невработеност обично е пониска отколку во останатиот дел од земјата, но во другите е повеќе од двојно или речиси тројно повисока. Највисока беше во градот Тарговиште, 270 км североисточно од Софија - 13,7 отсто. Следат северните градови Монтана и Шумен со стапки од 11,4 и 11,3 отсто. Во четири други града, стапката на невработеност се движеше од 10 до 11 отсто од локалната работна сила.
Според Годишникот на Агенцијата за вработување за 2007 година, стапката на невработеност по општини има многу големи вредности на отстапување. Така, во некои подрачја, пред се во северозападниот и североисточниот дел на Бугарија, вредностите се повисоки од просекот во земјата. На пример, во општината Никола Козлево, во областа на североисточниот град Шумен, просечната годишна стапка на невработеност во 2007 година беше 55,1 отсто, што е речиси за осум пати поголема од државниот просек и претставува највисока стапка во земјата.
Невработеноста во Бугарија беше највисока во 2001 година, кога имаше околу 663,000 невработени лица, односно 19,5 отсто од работната сила на возраст од 15-64 години.
Оттогаш бројот на регистрирани кои бараат работа во Бугарија континуирано опаѓаше, достигнувајќи 286 980 лица во 2007 година или 6,9 отсто од работната сила постара од 15 години и помалку од просекот во ЕУ, кој изнесува 7,1 отсто. Од сите регистрирани невработени лица во Бугарија минатата година, приближно 60 отсто биле жени, а 62 отсто имале основно или ниско образование.
Помалку од третина од пријавените вработени во Бугарија во 2006 година беа во јавниот сектор. Според статистичките податоци на земјата, најголемиот дел биле во образовниот сектор, јавната администрација, односно во здравствените и социјалните служби. Од приближно 1,6 милиони пријавени работници во приватниот сектор, над 610,000 беа во производството, а преку 335,000 во трговијата или се занимавале со поправка на моторни возила или апарати за лична употреба или употреба во домаќинствата.
![]() Македонија има највисока стапка на невработеност во регионот. [Getty Images] |
Во Романија стапката на невработеност за 2007 година беше пониска дури и од Бугарија, а изнесуваше 6,4 отсто. Но, тоа е далеку повеќе отколку на Кипар, каде просекот за минатата година изнесуваше 3,9 отсто. Во Грција бројот на невработени лица изнесуваше 8,3 отсто од активното население над 15 години, според Еуростат.
Во Хрватска и Турција, кои ги започнаа преговорите за пристапување со ЕУ во октомври 2005 година, бројките се слични како во Грција, односно изнесуваат 9,1 и 8,5 отсто.
Наведувајќи ги резултатите од истражувањето за работната сила во Хрватска, Европската Комисија (ЕК) рече дека постојат показатели дека стапката на невработеност опаднала на 8,2 отсто во третата четвртина од 2007 година, главно како резултат на сезонски фактори, како што е туризмот.
Што се однесува до Турција, ЕК наведува дека развојот на настаните на пазарот на работна сила во земјата остана во согласност со традиционалните сезонски шеми во последната четвртина од 2007 година. „Бројот на вработени се намали за 6,6 отсто, главно во земјоделскиот сектор. Во производствениот сектор бројот на вработени се зголемил за 1,7 отсто“.
Стапката на вработеност во Кипар изнесува 71 отсто и е повисока од просекот во ЕУ, кој во 2007 година изнесуваше 65,4 отсто, додека пак вредностите за Бугарија (61,7 отсто), Грција (61,4 отсто) и Романија (58,8 отсто) беа пониски.
Македонија, исто така официјален кандидат за ЕУ, е земја со една од највисоките стапки на невработеност во регионот. Во 2007 година бројот на регистрирани лица во потрага по работа во Македонија изнесуваше 34,9 отсто од работната сила, а една година порано изнесуваше 36 отсто. Во Србија стапката на невработеност опадна од 21,6 отсто во 2006 година на 18,8 отсто во 2007 година.
![]() Невработеноста кај младите не е проблем само во регионот, туку и во останатиот дел на Европа. [File] |
Според ЕК, условите на пазарот на работна сила во земјата и понатаму се тешки, а вработеноста продолжи да опаѓа во текот на последниот квартал за 1 отсто во однос на претходната година. Овој тренд продолжи и во текот на првите два месеци од 2008 година, рече комисијата.
Во Црна Гора, бројот на невработени е во постојано опаѓање од 2003 година, кога 26 отсто од активната работна сила на возраст од 15 до 64 беа регистрирани како невработени. Во 2007 година нивниот удел беше 11,9 отсто, додека пак една година порано изнесуваше 14,7 отсто. Според ЕК, стапката на невработеност во земјата опадна за уште 0,1 отсто во првата четвртина од 2008 година, достигнувајќи 11,8 отсто.
Што се однесува до Босна и Херцеговина, состојбата е донекаде нејасна. Според истражувањето за работната сила, спроведено од страна на статистичките институции во земјата во април 2007 година, просечната стапка на невработеност беше 29 отсто, а се движеше од околу 25 отсто во Република Српска до 31 отсто во Федерацијата БиХ. Бројките сепак беа многу пониски од оние со кои располага ЕК, а кои покажуваат дека стапката на невработеност во земјата во 2007 година била 42,9 отсто, додека пак претходната година била 44,2 отсто.
На Косово бројот на регистрирани лица во потрага по работа е во пораст од 2004 година, кога нивниот број изнесуваше приближно 40 отсто од работната сила. Според ЕК стапката на невработеност во земјата е околу 45 отсто. Експертите веруваат дека преструктуирањето на УНМИК, кое вклучува значителна редукција на неговите структури, дополнителнно ќе придонесе за тешката состојба на пазарот на работна сила, особено во Приштина. „Покрај тоа младите луѓе и етничките малцинства имаат поголеми изгледи да бидат невработени отколку останатите групи“, додаваат тие.
Невработеноста кај младите, мерена во проценти од работната сила на возраст од 15 до 64 регистрирани како невработени, стана проблем не само регионот, туку и во останатиот дел на Европа. Просекот на ЕУ во 2006 година беше 16,9 отсто, повисок од просекот на Кипар (10,5 отсто) и Турција (16 отсто).
Сепак, во некои од останатите земји од ЈИЕ стапката на невработеност кај малдите е многу повисока. Во Хрватска таа изнесуваше 28,9 отсто во 2006 година, во Грција беше 25,2 отсто, а во Романија 21,4 отсто.
Во текот на средбата во Луксембург на 9-ти јуни министрите за труд на ЕУ рекоа дека младите работници во Европа мора да се справат со условите на пазарот кои се значително поинакви од оние со кои се соочува останатиот дел од популацијата. Се почесто се вработувани со договори на одредено време, а поретко на неопределено и многу е почеста ситуацијата една млада личност да работи во нерегуларни услови отколку еден припадник на било која друга група. Министрите побараа од ЕК да преземе итни чекори со кои бројот на лица до 24 години кои имаат редовна работа ќе се зголеми.