И покрај големите сништа и надежи, тимовите од Југоисточна Европа не стигнаа до финалето на Европското првенство во фудбал 2008

07/07/2008

Хрватска, Грција, Романија и Турција ја претставуваа Југоистична Европа на Европското првенство во фудбал 2008 во Австрија и Швајцарија. После три недели возбудлив фудбал, Шпанија беше победник. Турција беше најуспешниот тим од регионот.

Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб – 07/07/08

photo

Хрватски навивачи го бодрат својот тим. [Getty Images]

После три недели возбудливи натпревари, непредвидливи резултати и воодушевени навивачи, Европското првенство 2008 заврши на 29-ти јуни. Шпанскиот тим, кој беше еден од фаворитите, го освои првенството, победувајќи ја Германија во финалето со 1-0.

На првенството учествуваа четири тима од регионот; Турција, најуспешниот тим, стигна до полуфиналето; Хрватска беше поразена од Турција во еден напнат натпревар; Романија и Грција, кои не успеаа да ја поминат втората фаза од првенството, ги разочараа своите навивачи.

Романија на првенството играше во т.н. „Група на смртта“ против моќните тимови од Групата Ц -- Франција, Италија и Холандија (Романија-Франција 0-0, Романија-Италија 1-1 и Романија-Холандија 0-2)

Предноста од 1 бод што Романија ја имаше во однос на Италија и Франција пред последниот натпревар не беше доволна, бидејќи Романија изгуби од Холандија. Дефанзивната стратегија на романскиот тим во пресудниот натпревар ја запечати нивната судбина.

„Премногу играчи назад, а премалку напред“, го оцени натпреварот романскиот спортски весник Газета Спортурилор. „Заборавивме дека суштината на фудбалот е нападот“.

photo

Германскиот одбранбен играч Филип Лам (во средина) на удар на турскиот одбранбен играч Хакан Кадир Балта (лево) покрај турскиот фудбалер од средината Казим Казим во полуфиналниот натпревар од Европското првенство 2008, Германија-Турција на 25-ти јуни. [Getty Images]

„Изгубивме од добар тим, но си заминавме со кренати глави“, рече романскиот тренер Виктор Питурка. „Момчињата дознаа дека Италија води 1-0 во другиот натпревар и најверојатно попуштија психолошки“, додаде тој, зборувајќи за натпреварот кој беше решавачки за второто место во групата. Романските навивачи, незадоволни од резултатот, покренаа петиција на интернет за смена на Питурка.

Според статистиката на ЕВРО 2008, Романија беше меѓу тимовите кои постигнаа најмалку голови, имаше најмалку удари кон голот и корнери. Питурка на рангирањето за тренери заврши на осмото место. Првото и второто место им припаднаа на шпанскиот тренер Луис Арагон и турскиот тренер Фатих Терим.

Меѓународните спортски весници и телевизиски канали едногласно се согласија дека Грција беше најлошиот тим на првенството. Во 2004-та година, Грција неочекувано победи на првенството, па навивачите се спремаа и за оваа година. Меѓутоа, Грците заминаа од Австрија и Швајцарија без ниту еден добиен натпревар. Грција постигна само еден гол во своите настапи во Групата Д. Тој гол, постигнат против конечниот првак Шпанија, беше единствениот извор на задоволство за Грција.

Што се однесува до Турција, играчите од самиот почеток ги мачеа повреди и суспензии. Под водство на Терим, Турците од Групата А стигнаа до полуфиналето, каде изгубија од Германија 3-2, во последната минута од натпреварот.

photo

Романскиот голман Богдан Лобонт реагира на натпреварот од Групата Ц на Европското првенство во фудбал 2008 Холандија-Романија на 17-ти јуни. [Getty Images]

Демантирајќи ги гласините за повлекување, Терим рече дека ќе остане со репрезентацијата најмалку до 2010-та година. Турција се смета за почитуван, но сепак непредвидлив тим, чии играчи се борат жестоко и упорно.

Светските медиуми ја фалеа Хрватска како „вистинско откритие на Евро 2008“. Сепак, екипата на Славен Билиќ не успеа да се пласира на полуфиналето, бидејќи изгуби од Турција. Хрватска ги доби сите три натпревари во Групата Б, вклучувајќи го и натпреварот против фаворитот на првенството Германија, но немаше среќа во продолженијата против Турција. Во наредните месеци Билиќ ќе мора да ја поврати самодовербата на својата екипа.

„Тоа беше завршница која може да се очекува само во фудбалот. Победивме многу подобри противници. Последните две минути од натпреварот против турскиот тим ќе ме прогонуваат цел живот. Тоа е нешто што се памети засекогаш“, рече Билиќ по враќањето на неговиот тим во Хрватска.

Билиќ, поранешен играч на англиските екипи Вест Хем и Евертон, беше еден од најважните хрватски играчи во 1998-та година кога Хрватска го освои бронзениот медал на Светското првенство во Франција. Тој планира да остане со репрезентацијата.

Иако регионалните тимови не поминаа според очекувањата, тие веќе се подготвуваат за следното големо првенство -- Светското првенство 2010, кое ќе се одржи во Јужна Африка.

Дописникот на Southeast European Times од Букурешт Пол Чочоју помогна при изработката на овој извештај.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading