23/06/2008
Иако луѓето во Гердек, Албанија, почнаа да ги обновуваат своите домови и одат напред, експлозијата која се случи на 15-ти март во овој град е се уште свежа во сечие сеќавање. Експлозијата и понатаму предизвикува превирања во албанската политика.
Мањола Хала за Southeast European Times во Тирана -- 23/06/08
![]() Експлозијата уби 26 луѓе и предизвика штета од 16,6 милиони евра. [Getty Images] |
Обидите да се уништат резервите со застарена муниција имаа катастрофален крај на 15-ти март, кога се случија серија експлозии додека екипите празнеа едно складиште во Гердек, во близина на Тирана. Експлозиите траеа приближно 14 часа, загинаа 26 лица, над 300 беа повредни, илјадници останаа без своите домови и беше предизвикана штета од 16,6 милиони евра.
Истрагата за трагедијата беше фокусирана кон тоа што ја предизвика екплозијата и кој е одговорен.
Во крајниот извештај на американските експерти, кои му помагаа на албанскиот тим да ги истражат причините за несреќата, се вели дека процесот на уништување бил спроведен во небезбедни работни услови -- фабриката беше многу мала и несоодветна за уништување на муницијата.
„Според оценките, експлозијата беше толку силна и може да се спореди со нуклеарна експлозија“, рече претседателот Бамир Топи.
Гердек сега наликува на градилиште заради бројните куќи кои се обновуваат и шаторите за преноќување. Брдото каде се случи експлозијата почна да покажува први знаци на живот, повторно никнуваат растенија и трева.
Освен малкуте обновени куќи, во тек е обновувањето на многу други со средства од владата или од самите жители на Гердек.
![]() Поранешниот министер за одбрана Фатмир Медиу поднесе оставка неколку дена по експлозијата. [Getty Images] |
„Некои семејства успеаа да ги обноват своите куќи веднаш по трагедијата“, рече Агим, жител на Гердек, кој работи на неговата куќа со своето семејство и пријателите. „Роднините или децата кои работат во странство им помогнаа финансиски. Јас лично позајмив пари за обновувањето; не можев повеќе да живеам во шатор. Кога ќе го добијам обештетувањето ќе ги вратам позајмените пари.“
Меѓутоа, претставниците во општината Вора, одговорни за распределба на финансискиот надомест и друга економска помош за оштетените семејства, велат дека се распределени сите средства за реконструкција.
Почнувајќи од 10-ти јуни, министерството за финансии врачи 90 отсто од 13 милиони евра кои ги додели владата, според прес канцеларијата на ова министерство. На 12-ти јуни, советот на министри издаде крајна одлука за средствата за обештетување, додавајќи уште 7,5 милиони евра за обновување на деловниот сектор и за жителите на Манзе и Марикај, кои исто така претрпеа штети во експлозиите.
Меѓутоа, и покрај финансискиот надомест, повеќето од оние кои беа погодени од трагедијата се вознемирени од начинот на кој владата се справува со ситуацијата. На почетокот од јуни, луѓето кои беа згрижени во одморалиштето за вработените во министерството за внатрешни работи во Драч протестираа против одлуката на министерството да бидат сместени во изнајмени домови.
Многу семејства во погоденото подрачје одбија да се преселат на друго место, и покрај загадувањето. Групата на ОН која го посети Гердек кон крајот на март оцени дека степенот на загадување во близина на брдото каде се случи експлозијата е висок како резултат на два проектилни радиоактивни елементи. Сепак, многу жители поставија шатори во близина на брдото и одбија да се преселат на друго место.
Сместувањето не е единствениот проблем кој предизвика незадоволство кај луѓето кои претрпеа штети од експлозијата во Гердек. Во средината на мај, тврдењата за неправедно проценување на оштетените објекти беа причина за започнување на истрага за евентуални подмитувања. Откако беа испрашани 15-те работни групи формирани за проценување на штетата на јавните и приватните објекти, државното обвинителство одлучи да започне истрага против четири лица и нивните методи за проценување на штетите.
Поранешните работници во военото складиште во Гердек започнаа штрајк со глад. Тие ја обвинуваат владата за несоодветно решавање на проблемот и бараат финансиски надомест за повредените и семејствата кои страдаа во експлозијата.
![]() Жителите ги напуштаат своите уништени куќи во Мемлишт по експлозијата на складиштето за муниција. [Getty Images] |
Пет лица беа уапсени во врска со експлозиите, а во понеделникот (16-ти јуни) парламентот му го одзеде имунитетот на поранешниот министер за одбрана Фатмир Медиу врз основа на тврдењето на јавниот обвинител за злоупотреба на функцијата. Медиу поднесе оставка неколку дена по експлозијата.
Обвинителството вели дека истрагата покажува дека „дејствувањата и недејствувањата“ на Медиу прекршиле серија закони и процедури за безбедносните стандарди. Тие велат дека имало незаконски наредби при одредувањето на Гердек за место за уништување на муницијата, како и други наредби до војската да ја транспортира муницијата во Гердек, кои би можеле да бидат резултат на подмитување.
Медиу негира било какво погрешно работење и не ја коментираше одлуката на парламентот. „Како министер за одбрана јас го почитував законот и за мене уништувањето на вишокот на муниција беше национален приоритет“, рече тој за време на седницата на парламентот.
Топи го разреши од функцијата и началникот на воениот штаб генерал-полковник Луан Хоџа. Портпаролот на претседателот Мимоза Кочиу рече дека ваквата одлука уследи по препорака од премиерот Сали Бериша.
Седум други високи функционери од министерството за одбрана и менаџери на приватната компанија за уништување на муницијата беа уапсени за небрежност. Околу 100 000 тони непотребна муниција, главно руски и кинески артилериски гранати произведени во шеесетите години или порано, се чуваат во поранешните воени складишта низ Албанија. Земјата вети дека ќе ја уништи муницијата со 2010-та година и добива помош од Америка, Канада и други земји-членки на НАТО.
Овој извештај е изготвен во соработка со дописникот на Southeast European Times Јонилда Кочи.