16/06/2008
По неговата победа на изборите минатата година, премиерот Реџеп Тајип Ердоган вети дека ќе стане „премиер на цела Турција“, но противниците го обвинуваат за залагање за исламски планови наместо да работи на либералните реформи кои имаат широка поддршка од јавноста. Ова несогласување преставува закана за турската политика и некои бараат нов консензус.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 13/06/08
![]() Турскиот премиер, Реџеп Тајип Ердоган, би можел да се соочи со забрана да се занимава со политика. [Getty Images] |
Турција влезе во длабока политичка криза откако на почетокот од овој месец Уставниот суд донесе пресуда против амандманите за кои се залагаше владејачката исламистичка Партија на правдата и развојот (АКП), а со кои би се дозволило носење на шамии во универзитетите.
Пресудата претставуваше голем удар за премиерот Реџеп Тајип Ердоган, а одлуката најверојатно ќе ги зголеми и шансите судот да го забрани дејствувањето на Ердогановата АКП заради наводно подривање на секуларниот карактер на државата.
Турскиот главен обвинител побара од судот да го забрани дејствувањето на АКП и исклучување на 71 член од политиката на пет години. Во своето обвинение тој го наведе амандманот за шамиите како еден од главните елементи кои покажуваат дека партијата има „скриени исламистички планови“. Судската одлука се очекува во јули.
Инсистирањето на правото за носење шамии во универзитетите со децении е контроверзно прашање во Турција. И додека некои муслимански жени сметаат дека Куранот не ги обврзува да ги покриваат косите, други користат разни видови на шамии. Најстрогата варијанта, која во целост ја покрива косата, во Турција се смета за симбол на политички Ислам.
Општо земено, турските жени имаат право да избираат дали ќе носат или нема да носат шамии, но нивното носење е забрането за државните службенички и студентките. Оние кои се залагаат за укинување на забраната сметаат дека тука во прашање е слободата на изразување, додека пак противниците сметаат дека зад тоа прашање се крие исламистичка политика.
Минатата недела дебатата влезе во многу осетлива фаза. Во вестите на телевизија една млада жена со шамија рече дека таа и нејзините две пријателки „му се восхитуваат на Хомеини“, водачот на иранската исламистичка револуција и веруваат дека Мустафа Кемал Ататурк -- основач на секуларната Република Турска -- „го изневерил исламскиот народ“.
![]() Жена стои под низата турски знамиња во текот на еден протест во Истанбул против одлуката на највисокиот турски суд за укинување на законот со кој на жените им се овозможува да носат шамии во универзитетите. Одлуката донесена на 5-ти јуни се смета за предводник во процесот кој се води против владејачката Партија на правдата и развојот. [Getty Images] |
Ергун Озбудун, истакнат либерален професор кој порано ги предводеше подготовките за новиот граѓански устав, ја критикуваше најновата одлука на Уставниот суд против шамиите, велејќи дека судиите ги прекорачиле своите овластувања. „Исто така, судот го интерпретира секуларизмот на многу нефлексибилен и нелиберален начин, каков што не може да се сретне ниту во една западна демократија денес -- дури ни во Франција, која е многу строга во поглед на секуларизмот“, рече тој за телевизијата Канал Д.
Според Озбудун, бројот на оние кои навистина сакаат исламистичка држава во Турција изнесува помалку од 10 отсто од населението, така што опасноста е незначителна. Неодамна едно истражување покажа дека мнозинството Турци го почитуваат одвојувањето на државата од религијата, а 76 отсто исто така сакаат шамиите да бидат дозволени во универзитетите.
Меѓутоа, со Озбудун не се согласуваат сите турски интелектуалци. Гулсум Билгехан, политичар од Републиканската народна партија (РНП) и почитуван бивши член на Парламентарното собрание на Советот на Европа, предупредува дека под АКП турските жени се во опасност да ги изгубат своите права.
„Политичките исламистички групи систематски настојуваат да ја исламизираат земјата и денес можеме да видиме дури и мали девојчиња од основно училиште кои се принудени да носат шамии во одредени делови од земјата“, рече таа.
Критикувајќи го она што го нарече „реторика на слободата“ на АКП, Билгехан рече дека се повеќе и повеќе жени се исклучуваат од јавната сфера и им се доделува традиционалната улога на мајки-домаќинки. Според статистиката, учеството на жените во работната сила навистина опадна од над 34 отсто во 1990-та година на нешто повеќе од 22 отсто на крајот од 2007-та година.
Само 25 од вкупно 340 пратеници на АКП се жени, а во кабинетот на Ердоган има само една министерка.
Истакнатиот турски писател Сонер Јалчин ги истражуваше семејствата на водачите на АКП во неговата нова популарна книга „Кого го залажувате?“ Тој заклучи дека повеќето жени во овие семејства одлучиле да носат шамии откако се омажиле и дека и покрај тоа што повеќето имаат универзитетско образование, по мажењето не побарале работа и одлучиле да останат дома.
Според Јалчин, традиционалниот конзерватизам на политичките исламисти ги задржал надвор од јавната сфера.
Иако турските интелектуалци и политичари се поделени околу забраната на шамиите, главно сите се согласуваат дека Ердоган не му пристапи соодветно на ова прашање по неговата убедлива победа на изборите минатиот јули.
![]() Илјадници Турци го посетија мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк во Анкара во февруари за да протестираат против укинувањето на забраната на исламските шамии на универзитетите. [Getty Images] |
АКП освои 46,6 отсто од гласовите, добивајќи ја поддршката од деловните кругови, како и од либералите кои сакаа стабилност и продолжување на политичките и економските реформи на ЕУ.
Во својот победнички говор во јули 2007-та година, Ердоган рече дека неговата партија одлучно се залага за демократски, секуларен и социјален систем во Турција и за правна држава. Тој им се обрати и на оние кои гласаа за секуларната опозиција, велејќи „Можам да ја разберам вашата загриженост; вашите гласови ни се исто така вредни. Вие претставувате богатство за нашиот демократски живот“.
Според Кунејт Улсевер, истакнат колумнист кој некогаш сметаше дека АКП има потенцијал да ја трансформира Турција во либерална демократија, премиерот не го исполнал своето ветување.
Наместо да биде „премиер на цела Турција“ и да продолжи со либерално демократските реформи, Ердоган главно предводеше промени во корист на својата исламистичка изборна база, вели Улсевер.
Турските политичари и интелектуалци сега расправаат за стратегија за излез од кризата, која веќе почна да ги поткопува изгледите на земјата за економски напредок и нејзиниот кредибилитет како земја кандидат за ЕУ.
Најпопуларниот турски колумнист, главниот уредник на весникот Хуријет, ги повика двата табори да работат за доброто на земјата.
„Сега треба да заборавиме се и да отвориме нова страница за нов социјален консензус“, напиша Ертугрул Озкок во четвртокот во својата колумна. „Треба да избегнуваме понатамошни несогласувања и да се обединиме околу заедничките цели, почнувајќи од членството во ЕУ“, рече тој.
Озкок предложи нова, сеопфатна дискусија за спорот околу шамиите и рече дека забраната може да биде укината ако на секуларистите им се дадат нови ветувања, како што е забраната на таквите исламски симболи во основните и средните училишта, како и за државните службенички.
„Можен е нов социјален договор за демократска и секуларна Турција“, рече тој. „Но, прво треба да работиме на стекнување на взаемна доверба“.