Летото на Балканот значи море и сонце

09/06/2008

Со блиските плажи кои нудат поевтини можности, повеќето луѓе во Југоисточна Европа не мора далеку да патуваат на одмор. Сепак, се поголем број штедат за одмор во странство.

Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб -- 09/06/08

photo

Жителите на Југоисточна Европа се упатуваат на летни одмори. [Getty Images]

Само што започна месец јуни, но температурите во Југоисточна Европа веќе покажуваат дека летото започна. Жешките бранови и врелото сонце уште повеќе им отежнуваат на луѓето да се концентрираат на секојдневните работи и да не мислат однапред на летниот одмор. Бидејќи Балканот станува омилена туристичка дестинација, многу семејства надвор од регионот веќе ги резервираа своите летни одмори. Но, што е со локалното население? Каде одат тие кога летната жештина станува неподнослива?

Според истражувањето на водечката хрватска туристичка агенција, Генералтурист, Хрватите кои одат на одмор одлуката за тоа ја донесуваат во последен момент. Притоа најмногу размислуваат за цената. Околу 16 отсто одморот го поминуваат во странство, главно во Турција, Грција и Тунис. Просечниот одмор во странство трае околу 2 недели.

Сепак, одењето во странство се смета за луксуз. За едно просечно хрватско семејство, тоа значи трошок од 1000 евра неделно. Ако се има предвид дека просечната плата во Хрватска е нешто повеќе од 700 евра месечно, за едно вакво патување треба да се штеди со години. Наместо тоа, многу одлучуваат да го поминат летото на брегот со семејството или пријателите.

И Бугарите традиционално летуваат во својата земја. Во минатото, повеќето својот одмор го поминуваа во летувалиштата на Црното Море. Помал број одеа на планина, додека пак мал процент, главно постарите луѓе, остануваа дома. Првите неколку години по падот на комунизмот во 1989-та година бројот на оние кои можеа да си дозволат летување нагло опадна: во 1993-та година тој процент беше само 12 отсто.

Работите се сменија со подобрувањето на економијата. Се повеќе луѓе беа во можност да ги поминуваат летните одмори во бројните летувалишта долж 378 километри долгиот црноморски брег, кој нуди приближно 70 плажи. Двете најголеми летувалишта на брегот -- Златните песоци на северниот дел и Сончевата плажа на јужниот дел -- привлекуваат огромен број на посетители. Други популарни летувалишта се Албена и Дјуни, Елените и Русалка.

photo

Туристи на плажата во близина на црноморскиот град Несебар во Бугарија. [Getty Images]

Старите градови Несебар и Созопол, исто така, се многу популарни. Калдрмата на тесните улички во старите делови на овие два града, малите плоштади и двокатниците на камени темели и испакнати катови ги привлекуваат оние со романтичен дух. На крајот од летото, Созопол ги привлекува уметниците, писателите и музичарите кои доаѓаат во овој град на годишниот уметнички фестивал Аполонија, кој обично се одржува на почетокот од септември.

Сепак, се поголем е бројот на Бугари на кои им смета претераното градење, несоодветната инфраструктура и високите цени во летувалиштата на домашниот брег. Последниве години, се повеќе луѓе летните одмори ги поминуваат на друго место. Турските летувалишта Кушадаси, Анталија и Мармарис, грчките острови и Коста Брава во Шпанија, како и Коста Бланка, Коста дел Сол и Балеарските и Канарските острови денес се омилени странски дестинации.

Некои од најголемите љубители на плажата ќе ги пронајдете во Албанија. Општо земено, Албанците повеќе сакаат да летуваат отколку да одат на зимување. Плажите во Велипоја и Лежа на северозапад, Драч во средишниот дел на земјата и Валона и Саранда се преполни во текот на летото.

Секој летен викенд, семејствата и младите луѓе доаѓаат на овие дестинации. Малата одалеченост е фактор. Потребни се само 40 минути за да се стигне од Тирана до една од плажите во близина на Драч, а три часа до Валона на југ.

photo

Многу љубители на плажата ги поминуваат своите одмори на албанските плажи во Драч. [Getty Images]

Албанците не се навикнати да трошат многу пари на одморите. За време на комунизмот, секој добиваше карта за две недели во едно од државните летувалишта. Оваа евтина карта, позната како „флете-кампи“, беше добивана во фабриките или агенциите каде луѓето работеа. Секако, од деведесетите ситуацијата се промена. Денес многу луѓе штедат во текот на годината за да си дозволат 7 до 10 дена луксуз во шпицот на летната сезона.

Се зголемува и бројот на Албанци кои летуваат во странство. Популарни дестинации се Турција, Египет и земјите од ЕУ како Италија, Грција и Шпанија. Оние кои имаат роднини во земјите од ЕУ често ги комбинираат своите одмори со семејни собири. Соседните земји како Македонија и Црна Гора нудат можност за викенд патувања, како и пониски цени.

Во Романија ситуацијата е слична како и во останатиот дел на Балканот. И Романците можат да избираат помеѓу летувањето на море и тоа во планина и иако цените се високи, се поголем број Романци ги разгледуваат и странските дестинации.

Романците најмногу ги привлекуваат странските дестинации како Бугарија, Кипар, Грција, Турција и Тунис, вели Трајан Бадулеску од Националната асоцијација на туристички агенции (АНАТ). Од оние кои остануваат дома, повеќето ги претпочитаат црноморските плажи. АНАТ предвидува дека оваа година бројот на туристите кои летуваат на Црното Море ќе се зголеми за 15 отсто.

Како и во другите земји од Југоисточна Европа, многу луѓе во Романија ги користат одморите и за семејни собири, па често одат во посета на роднините во другите делови од земјата. Други популарни дестинации се и манастирите на североисток и устието на реката Дунав.

Меѓутоа, и покрај вкупниот раст на туризмот, многу Романци одлучуваат да заштедат пари, да избегнат неволји и едноставно да останат дома. Според националната анкета спроведена од страна на Галуп, минатата година повеќе од 70 отсто не отишле никаде на одмор.

Всушност, многумина чувствуваат дека се исклучени од туристичкиот сектор. „Во руралните средини, 90 отсто од луѓето речиси никогаш и да не одат на одмор“, вели социологот од Галуп, Александар Тот. „Не постојат туристички аранжмани за стари луѓе и пензионери“.

Овој извештај го составија Мањола Хала во Тирана, Светла Димитрова во Софија и Алина Бандила во Букурешт.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading