05/05/2008
Југоисточна Европа е еден од деловите на континентот кој е најмногу склон на земјотреси, но сепак досега не постоеше заеднички регионален пристап за проценување на овие геолошки опасности. Оваа ситуација би требало да се промени со новиот проект за мапирање.
Од Бетим Мучо за Southeast European Times – 05/05/08
![]() Мапа на геолошките опасности (Албанија, Бугарија, Косово, Македонија, Црна Гора и Романија) во размер од 1:1,000,000. |
Балканскиот полуостров има најсложени тектонски карактеристики во Европа. Сеизмичката активност предизвика низа катастрофални земјотреси во регионот, који уништија цели села и однесоа многу животи.
Со помош на донацијата од американската Фондација за цивилно истражување и развој (ЦРДФ), мал тим стручњаци од Албанија, Бугарија, Косово, Македонија, Црна Гора и Романија направија нова мапа која ги прикажува геолошките опасности во нивните земји. Овој проект претставува прв обид да се направи хомогена, комбинирана мапа на геолошките опаности на Балканот.
Досега, ова беше правено посебно од разни организации и агенции, често користејќи различни методологии. Но, земјотресите и другите опасности не почитуваат државни граници. Проблемите како пренаселеноста, брзите и лоши конструкции и несоодветните подготовки постојат во многу земји. Експертите се согласуваат дека одамна беше потребен заеднички пристап. Новиот проект ветува дека ќе го отвори патот за идна соработка.
Првата историска документација за земјотресите на Балканот датира од шестиот век п.н.е. Со текот на годините, многу градови беа многу оштетени или во некои случаи целосно уништени од земјотреси. Во просек, во регионот секоја година се случува по еден земјотрес од 6,3 степени. Само во минатиот век забележани се над 80 катастрофални земјотреси.
Што предизвикува ваков геолошки немир? На Балканот влијаат големите литосферски плочи на Евроазија и Африка, како и помалите целини како Арапската плоча и Јадранската микроплоча. Покрај тоа, бројните активни тектонски целини кои се наоѓаат во внатрешноста на регионот ја зголемуваат оптовареноста, што одвреме навреме предизвикува голема сеизмичка активност.
Колку и да се силни, земјотресите не се единствената закана. Чести се и одроните на земјиштето. Тука се и појавите како процесите на поминување во течна состојба, одрони на карпи, ерозија, спуштање на земјиштето и ширење на почвата. Овие, исто така, можат да ја загрозат животната средина, човечкиот живот и економијата.
![]() Авторите на мапата на работилница во Охрид: (последен ред, од лево): Мирчеа Радулиан (Романија), Алберт Авџи (Албанија), Богдан Греку (Романија); (прв ред, од лево): Шукури Алиај (Албанија), Некулае Мандреску (Романија), Марџори Сенешал (ЦРДФ, САД), Зоран Милутиновиќ (Македонија), Бетим Мучо (главен автор и координатор, САД), Дефрим Шкупи (Албанија), Зенун Елезај (Косово). [фотографијата добиена со љубезност на Стен Ширер] |
Иако геолошките опасности долго влијаеа врз животот на Балканот, заради неодамнешните социоекономски и политички промени сега е уште повеќе потребно соодветно решение. По падот на комунизмот, повеќето земји во регионот започнаа брза транзиција од тоталитаризам во демократија. Наглиот развој на слободниот пазар доведе до неконтролирано движење на луѓето, брза изградба на стамбени и други објекти и несразмерна концентрација на луѓето во големите градови и околу нив.
Во комбинација со тектонските карактеристики на регионот, овие трендови укажуваат на потенцијални катастрофи во иднина. Се повеќе е важно да се разберат, проучат и мапираат елементите на геолошките опасности со цел да станеме свесни за штетата што би можеле да ја предизвикаат.
Новиот проект за мапирање е иновативен на повеќе начини. Пред се, настана преку Интернет, кој им овозможи комуникација на тимовите од различни земји. Тимовите, исто така, одржаа работилница во Охрид, Македонија на крајот од март 2007-та година и состанок во Тирана на крајот од август истата година.
При мапирањето е користена ГИС технологија со цел да се постигне поголема ширина и прецизност. Резултатот е најсовремен алат кој обединува многу различни сетови на податоци кои овозможуваат широк преглед на потенцијалното влијание на геолошката опасност врз една заедница, област или земја. Картографијата и компилацијата на мапи ја направи Албанскиот геолошки институт во Тирана.
Сепак, најголемата новина на овој проект е можеби неговиот обид овој проблем да се согледа регионално. Во минатото, организациите во земјите учеснички користеа различни методи за собирање, прикажување, анализа и проценка на информациите за геолошките опасности. Дури и внатре во една иста земја, можат да се сретнат изненадувачки различни техники и методи употребени за една иста појава.
Достигнувањта на проектот нема да застанат тука. Авторите планираат да ја рашират нивната работа преку разни конференциски активности и резултатите да им ги стават на располагање на структурите на Балканот кои носат одлуки и прават планови, на тој начин што мапите ќе им бидат достапни на соодветните геолошки и еколошки органи.
Тие информации би можеле да им помогнат на органите поефикасно да ги користат ограничените ресурси. И покрај тоа што превентивните напори беа попречени од административните проблеми и немањето доволно средства карактеристично за земјите во транзиција, земјите од Југоисточна Европа се надеваат дека состојбата ќе се подобри -- особено во контекст на проширување на ЕУ. Три земји -- Бугарија, Грција и Романија -- веќе се членки на ЕУ. Другите се во различни фази на пристапување, од официјален статус на земји-кандидатки до преговори за Договор за стабилизација и асоцијација. Постојат разни претпристапни програми и програми за земјите-членки, кои нудат заеднички и прекугранични проекти за подобрување на патната инфраструктура и капацитетите.