11/06/2007
Мандатот на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа истекува во февруари 2008 година, а неговото место ќе го заземе Советот за регионална соработка. Веќе осум години, Пактот му помага на регионот да напредува во процесот за стабилизација и економски развој.
Од Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб – 11/06/07
![]() Пактот за стабилност беше потпишан во 1999 година од страна на претставници на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Молдавија, Романија, Србија и Македонија. [Пакт за стабилност за Југоисточна Европа] |
Пактот за стабилност за Југоисточна Европа произлезе од детална стратегија за спречување на конфликти која беше иницирана од меѓународната заедница кон крајот на 1990-тите години. Главните цели на оваа иницијатива -- која беше претставена во Сараево летото 1999-та година -- не се разликуваа многу од претходните идеи за спречување на конфликти во регионот, но Пактот за стабилност понуди една нова надежна димензија -- економски развој и регионална соработка.
Премисата на Пактот беше едноставна. Земјите од Југоисточна Европа предложија проекти за кои сметаа дека се витални како за самата земја, така и за регионот. Тие ја поднесоа документацијата за проектите, како и времен буџет до администрацијата на Пактот за стабилност. Администрацијата потоа пронајде донатори -- одделни земји, фондови или меѓународни организации -- подготвени да го финансираат одредениот проект.
После осум години блиска регионална соработка, Југоисточна Европа е подготвена за нов „посредник“ помеѓу нејзините земји и меѓународната заедница. Новата иницијатива -- Советот за регионална соработка (СРС) -- ќе ги преземе должностите на Пактот и ќе биде целосно автономен во донесувањето одлуки. Советот ќе соработува со европските институции како еднаков. Предавањето на власта на Пактот за стабилност е планирано за февруари 2008 година.
Слободна трговија во регионот
Со текот на годините, Пактот се соочи со критики од неговите учесници, што беше причината за промена. Некои земји сметаа дека Пактот за стабилност беше позаинтересиран за приоритетите изнесени од неговата канцеларија во Брисел отколку за исполнување на потребите на регионот. Според СРС, одредени интереси на регионот треба да бидат поодлучно претставени.
Една од главните иницијативи на Пактот беше да ги поттикне земјите да потпишат билатерални договори за слободна трговија со цел олеснување на економската соработка. Но, југоисточната слободна трговска зона наиде на отпор кај многу земји.
Во Хрватска политичките противници на оваа иницијатива тврдеа дека со ваквите договори Западна Европа се обидува да ги обнови економските врски што некогаш постоеја во поранешна Југославија -- осигурувајќи се дека по економската интеграција ќе следи политичко соединување. Администрацијата на Пактот ги отфрли ваквите аргументи, велејќи дека проектите финансирани од страна на Пактот имаат за цел да поттикнат соработка, а не да изнудат несакана интеграција.
И покрај отпорот, под покровителство на Работната група за трговија на Пактот за стабилност, земјите потпишаа 27 билатерални договори за слободна трговија, а поголем број од нив се во сила. Ова создава еден регионален пазар од 55 милиони потрошувачи, ја поттикнува трговијата и значително ги зголемува шансите за привлекување инвестиции, како и за вкупен економски раст. Владите на земјите од Југоисточна Европа, исто така, се согласија да создадат регионален енергетски пазар кој со тек на време ќе биде интегриран со внатрешниот енергетски пазар на ЕУ.
Во исто време, Пактот за стабилност финасираше, преку својата мрежа на донаторски организации, голем број на одредени проекти наменети за подобрување на инфраструктурата, здравствената и социјалната грижа, транспортот и образованието. Многу политички аналитичари сметаат дека ова е најголемото постигнување на Пактот.
Прифаќање, земја по земја
![]() Многу земји од регионот добија средства за проекти за изградба на патишта. [Фајл] |
„Земјите од Југоисточна Европа почнаа да соработуваат. Ваков степен на соработка беше незамислив пред само неколку години“, рече координаторот на Пактот за стабилност Ерхард Бусек на регионалниот состанок во мај, на кој беше трасирана новата иднина на Пактот.
Од самиот почеток, Македонија го смета Пактот за стабилност за единствен процес преку кој може да биде изградена соработката во Југоисточна Европа. Македонија ги спроведе конкретните бенефиции што ги нудеше Пактот. Доби средства за финансирање на проекти за изградба на патишта, зголемување на заштитата на животната средина, поставување на локалната власт и модернизација на мрежата за снабдување со вода. Со помош на Националната медиумска група на Пактот за стабилност беше усвоен нов закон за радиодифузија. Сепак, двата најголеми проекти, завршувањето на Коридорот 10 -- дел од автопатот помеѓу Демир Капија и Гевгелија -- и Коридорот 8, се уште не се финализирани.
Најновата независна земја-членка на Пактот, Црна Гора, исто така, профитираше од програмата за регионална соработка. „Преку различни проекти на Пактот за стабилност, Црна Гора доби значајна поддршка, [вклучувајќи] техничка поддршка во полето на инвестициите, човековите права, судството и внатрешните работи“, рече поранешниот црногорски претставник на Пактот за стабилност Веско Шуковиќ. Соработката со Пактот секогаш беше во согласност со процесите за евроинтеграција на земјата, додаде тој. Црна Гора планира да отпочне слични проактивни чекори во СРС, особено во борбата против регионалниот и пограничниот криминал.
Во Србија, претходниот кабинет на премиерот Воислав Коштуница не го пречека Пактот со отворени раце. Но, бидејќи евроатлантските аспирации на оваа земја добија на интензитет, новата влада одлучи дека регионалната соработка е значаен чекор во процесот за пристапување во ЕУ. Властите во Белград беа малку разочарани бидејќи нивниот кандидат за генерален секретар на СРС, Горан Свилановиќ, не ја доби потребната поддршка.
Во Босна и Херцеговина (БиХ), постоеше скептицизам во однос на организацијата, и покрај тоа што Пактот беше започнат во Сараево во 1999 година, а седиштето на Секретаријатот на иницијативата за подготвеност и спречување на катастрофи на организацијата се наоѓа во Сараево. Нејзина цел е да ги здружи тековните активности, како и да ги утврди незадоволените потреби за зголемување на ефикасноста на националните системи за справување со катастрофи, како и да одреди рамка за регионална соработка. И покрај тоа, многумина во БиХ не мислат дека профитирале од оваа инцијатива.
Со текот на времето, Пактот за стабилност ја загуби политичката важност. Земјите учеснички -- Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Македонија -- добија значајна финансиска помош за нивните проекти, на тој начќин менувајќи го Пактот од политичко присуство во економска иницијатива. Во изминатите осум години, Пактот успеа да им обезбеди на земјите од регионот речиси 20 милијарди евра.
Нова иницијатива -- регионална одговорност
![]() Хрватскиот заменик-министер за надворешни работи Хидо Бишчевиќ ќе го води СРС идната година. [Getty Images] |
Од неговите почетоци пред осум години, Пактот за стабилност претставуваше баланс помеѓу меѓународната заедница и земјите од регионот. Сега, регионалната дименизија ќе има приоритет. Овој пат, тоа е револуционарен пресврт -- како што вели Бусек -- бидејќи досега „регионалните активности беа главно планирани, предлагани и протежирани од Пактот за стабилност под раководство на меѓународната заедница. Новата организација подразбира промена на моделот на регионална соработка, како и промена на начинот на кој земјите од Југоисточна Европа комуницираат меѓу себе.
Седиштето на СРС ќе биде во Сараево, потег што ги возбудува властите во БиХ. Тие очекуваат многу поголеми дипломатски активности како резултат на СРС и планираат да го наречат Сараево „мал Брисел“ во регионот.
Првиот генерален секретар на новата иницијатива е хрватскиот дипломат Хидо Бишчевиќ, кој беше избран на конференцијата одржана во мај во Загреб од страна на министрите за надворешни работи на земјите од регионот. Официјалното предавање на власта ќе се состои од два дела -- основање на регионално седиште и неговата инфраструктура и рационализирање на сите работни групи и иницијативи кои моментално работат под Пактот за стабилност во новата регионална рамка.
„Сега од вас зависи најдобро да го искористите овој нов метод. Меѓународната соработка и понатаму ќе биде на располагање, но вашите земји треба да го исполнат СРС со енергија, да го направат успешен и со тоа да покажат дека денес Југоисточна Европа е поинаков регион од она што беше во 1990-тите. СРС ќе биде ефикасен само до колку ужива поддршка од сите негови членови и ако сите членови работат заедно за постигнување на заедничката цел, а тоа е цврста и одржлива регионална соработка во полза на европска и евроатлантска интеграција“, рече Бусек во мај.
Со формирањето на СРС -- кој ќе биде финансиран од Европската Комисија -- членовите сега мора да покажат дека се подготвени и расположени да соработуваат заедно, без вмешаност на меѓународната заедница. Советот ќе работи како врска помеѓу земјите од регионот и пошироката меѓународна донаторска заедница.
До февруари Бишчевиќ и Бусек ќе работат заедно со цел да бидат зачувани постигнувањата на Пактот за стабилност, како и транзицицијата на новата рамка да биде колку што е можно попријатна.
Пактот за стабилност беше замислен како рамка која ќе го забрза процесот за стабилизација во регионот и целосната интеграција на земјите учеснички во европските структури. И покрај тоа што мандатот на Пактот истекува, помошта и менторството што тој му ги понуди на регионот за економски развој и просперитет е непобитен успех.
Дописниците на SE TimesАнтонио Прленда во Сараево, Марина Стојановска во Скопје, Недељко Рудовиќ во Подгорица и Ѓорѓи Митев-Шантек во Белград дадоа придонес за оваа статија.