Романската економија: На што да се внимава во 2006-та година

23/01/2006

Романија се соочува со многу предизвици годинава. Со приближувањето на пазарните услови кон тие во ЕУ, локалните фирми се соочуваат со посериозна конкуренција. Тоа пак резултира со помал раст на индустриското производство и БДП. Економијата, исто така, беше погодена и од минатогодишните поројни дождови и поплави, како и од покачувањето на цените на енергијата. Меѓународната клима, пак, е полна со несигурности бидејќи економската стагнација во Европа и растот на азиските економии предизвикуваат промена кон протекционизам. Така, политичките и бизнис лидерите во Романија имаат многу предизвици со кои треба да се соочат во обидот да ги исполнат ветувањата на земјата кон ЕУ и да ја одведат кон очекуваниот влез во блокот.

Од Даниел Дајану за Southeast European Times во Букурешт – 23/01/06

photo

Колку повеќе домашните пазарни услови се изедначуваат со оние во ЕУ, толку потешко ќе биде локалните фирми да ги почитуваат новите услови на конкуренцијата.

Предвидувањето на економските перформанси на Романија за 2006-та година е ризична работа. Меѓутоа, со сигурност можеме да кажеме дека исходот зависи од голем број специфични прашања. Меѓу нив е и способноста на домашната економија да се прилагоди на променети услови.

Индустриското производство доживеа значително помал раст во 2005-та година во споредба со претходната година. Во првите девет месеци порастот беше само 2 отсто, додека пак БДП во текот на целата година најверојатно нема да надмине 4 отсто. Овие просечни бројки делумно можат да им се припишат на поројните дождови и поплави кои зафатија голем дел од земјата. Во исто време, романската индустрија -- а особено некои сектори -- беа погодени од зголемувањето на вредноста на домашната валута, покачувањето на цените на енергијата, намалувањето на субвенциите и пожестоката конкуренција.

Општо земено, колку повеќе домашните пазарни услови се изедначуваат со оние во ЕУ, толку потешко ќе биде локалните фирми да се справат со новите услови на конкуренција. Ова резултира со помал раст на производството и БДП. Каков успех ќе имаат домашните фирми во периодот што доаѓа? Или, да кажеме поинаку, дали индустриското производство го достигна дното или дали надолното прилагодување, со соодветно поврзаните трошоци, ќе продолжи уште извесно време?.

photo

Економијата беше погодена од минатогодишните поројни дождови и поплави.[АФП]

Доколку сеуште не е достигнато дното, можеме да очекуваме полоши бројки во следните месеци. Ако дното е достигнато, стапката на раст во индустриското производство може да се зголеми во 2006-та година, и покрај тоа што таквите знаци не се веројатни се до втората четвртина од годината. Побрзата апсорпција на шоковите ќе помогне за повторно растење на БДП. Подобрата жетва значително ќе го потпомогне ова -- овогодинешната жетва опадна за 12 отсто во споредба со 2004-та година. Меѓутоа, не е потребен преголем оптимизам, имајќи предвид дека профитот од продуктивноста беше релативно просечен во 2005-та година.

Трговскиот дефицит продолжува да расте брзо, а дефицитот на тековната сметка можеше да ги надмине 9 отсто на БДП во 2005-та година. Имајќи предвид дека растот на БДП и индустриското производство значително е забавен, се поставува едно прашање: дали ваквите надворешни дефиците се одржливи? Всушност, постојат неколку аспекти поврзани со растот на надворешните дефицити кои бараат разјаснување. Незначителните позитивни ефекти од порастот на продуктивноста врз економијата годинава се чини дека ги потврдуваат сомнежите што јас ги искажав, во една статија пред неколку години во врска со предизвикот на конкуретноста. Економијата мора некако да се справи со наглото покачување на вредноста на валутата кое произлегува од големиот прилив на пари од Романците кои работат во странство и другите приливи на капитал кои се привлечени од шансите на Романија да се приклучи кон ЕУ (така наречената “Холандска болест“).

Некои би рекле дека надворешните дефицити не треба да загрижуваат, имајќи го предвид „нормалниот“ раст на банкарскиот кредит и присуството на странски капитал во банкарската индустрија, кој најверојатно би требало да значи и доверба кон долгорочните кредити . Но, ваквите аргументи имаат граници. Во вистинската економија нема еднонасочна улица; болните корекции се неизбежни кога дефицитите ќе надминат одредени прагови. Ваквата корекција ќе вклучи сериозна девалвација на вредноста на валутата која би можела да предизвика инфлација.

photo

Вистинскиот тест за новиот режим на монетарната политика на Националната Банка, односно „таргетирањето на инфлацијата“, ќе се случи годинава. [НБР]

Што се однесува до новиот режим на монетарната политика на Националната Банка (НБР), односно „таргетирањето на инфлацијата“, вистинскиот тест ќе се случи годинава. Последните четири месеци од 2005-та година, во кои се практикуваше таргетирање на инфлацијата, воопшто не се убедливи и најверојатно ќе биде подобро доколку неговото воведување се одложи на некое време. Тестот ќе биде многу сложен бидејќи условите се необични: Речиси половина од понудата на пари не е под контрола на НБР (бидејќи трансакциите се во долари или евра); разликите во каматните стапки се сеуште високи; а бумот на банкарските кредити и либерализацијата на капиталната сметка ја поткопаа способноста на НБР да ја контролира понудата на пари. Предвидениот таргет за 2006 година за инфлацијата од 5 отсто е преамбициозен; поразумно би било таа да се таргетира на 6 или 6,5 отсто, имајќи го предвид зголемувањето на цените на гасот и основните инфлациски очекувања. Минатогодишната проектирана стапка на инфлација е премногу надмината -- инфлацијата највероватно била 8,7 или 8,8 отсто во 2005 година, наспроти проектираната од 6 отсто, пред воведувањето на фиксни стапки на даноци.

Иако јавниот буџет предвидува дефицит од 0,5 отсто за 2006-та година, некои од неговите главни премиси се дискутабилни -- поточно, оние кои се однесуваат на растот на БДП и инфлацијата. Корекцијата на буџетот треба да ги земе во вид ревизијата на овие премиси. Спроведувањето на буџетот мора да биде строго идната година. Истовремено, треба да се зголеми финансирањето на проектите за инфраструктурата. И треба да се обрне поголемо внимание на зголемување на капацитетот за искористување на фондовите на ЕУ. Соодветниот менаџмент на клучните прашања има потенцијал да го зголеми степенот на инвестирање.

Меѓународната средина, пак, се наоѓа во период на големи несигурности, кои се вкоренети во глобалните нерамнотежи и економското влијание на разни геополитички конфликти. Економската стагнација во Европа, како и растот на Кина и азиските економии, ги присилува земјите да се свртат кон протекционизам како средство за заштита на домашните пазари (ќорсокакот на преговорите во Доха зборува сам по себе). Цената на основните артикли и нафтата и понатаму ќе зависи од растот на азиските економии. Овие околности ќе имаат влијание врз романската економија, и покрај тоа што таа во значителна мера зависи од европските пазари.

Последно по ред, но не и по значење, Романија мора да ги исполни ветувањата кон ЕУ; колку побрзо го направиме тоа, толку поголеми се нашите шанси за влез во Унијата. Политичките и бизнис-лидерите имаат одговорност подобро и поконкретно да ги дефинираат националните интереси. ЕУ има свои специфични наднационални интереси; но таа е исто така констелација од национални интереси кои често се судруваат. Оваа реалност наметнува голем број предизвици во националните процеси на донесување одлуки. Неуспехот да се прифатат овие предизвици би можел да доведе до одложување на членствто во ЕУ, благодарение на заштитната клаузула. Влоговите во 2006-та година се големи.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading