SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/roundup/2008/03/24/roundup-st-03

Наука и технологија: Грчките археолози најдоа доказ за античка операција на мозокот

24/03/2008

Грчките научници откопаа скелет стар 1.800 години, со доказ дека му била извршена операција на мозокот. Исто така во вестите оваа година: еден хрватски професор докажа дека хормонот што ја стимулира тироидната жлезда спречува остеоропороза.
photo

Скелет стар 1.800 години дава доказ за операција во античка Грција. [Getty Images]

Грчките aрхеолози открија скелет за кој велат дека имал операција на мозокот пред околу 1.800 години. Скелетот е на млада жена, која, шпекулираат научниците, починала за време или набргу по операцијата. Членот на археолошкиот тим Јоанис Граикос, рече дека операцијата била очигледно сложена и посочи дека истата можела да ја изврши само лекар-специјалист.

***

Хрватскиот универзитетски професор Слободан Вукичевиќ докажа дека хормонот што ја стимулира тироидната жлезда (ТСХ), а кој се ослободува од хипофизата, ја спречува остеоропорозата, истовремено стимулирајќи го создавањето на ново коскено ткиво. Студијата на Вукичевиќ е одобрена од хрватското Министерство за наука и е прво вакво истражување во светот.

***

Директорот на Антрополошкиот центар во бугарската Академија на науките, Јордан Јорданов, во четвртокот (20-ти март) ја претстави антрополошката копија на бистата на бугарскиот крал Самуил, кој владеел со Бугарија помеѓу 997 и 1014 година. Главата на Самуил е направен според неговиот череп, кој беше неодамна пронајден. Јорданов е автор на книга за правење прецизни антрополошки бисти.

***

Maкедонските aрхеолози во четвртокот (20-ти март) откопаа човечки скелет кој датира од 7.000 п.н.е, за време на ископувањата во селото Крупиште во близина на Штип. Археологот Трајанка Јовчевска рече дека ова е можеби скелетот на најстариот неолитски жител на Балканскиот полуостров, бидејќи е пронајден во Грнчарица, најстарата неолитска населба во Македонија.

***

Албанскиот оператор на фиксната телефонија, Албтелеком, ја избра мрежата Нокиа Сименс за поставување на Мрежата на следната генерација, во рамките на подготовките за понуда на широкомрежни услуги за своите претплатници. Албтелеком сочинува околу 90 отсто од пазарот на фиксната телефонија во Aлбанијa.

***

Петтиот меѓународен саем за ИТ беше отворен во четвртокот (20-ти март) во Приштина. Повеќе од 60 ИТ фирми учествуваа на саемот, кој беше организиран од страна на Организацијата за конгресни настани. Форумот има за цел промовирање на ИТ секторот и акцентирање на фактот дека Косовo има човечки потенцијал да ја зголеми употребата на новите технологии.

***

„Мајкрософт“ Босна и Херцеговина (БиХ) во вторникот (18-ти март) во Сараево го организираше Иновативниот форум за раст. На настанот учествуваа владини претставници, бизнис претставници, медиуми и невладини организации, кои разговараа за иновациите во БиХ и развојот на ИТ.

(Разни извори – 17/03/08 - 24/03/08)