SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/roundup/2008/03/18/roundup-dd-04

Дипломатски дневник: Ансип е првиот естонски премиер што ја посетил Турција

18/03/2008

Естонија и Турција постигнаа историски пресврт во своите односи оваа недела. Исто така во вестите од дипломатијата: претседателот на бугарскиот парламент ја посети Грција.
photo

Естонскиот премиер Андрус Ансип. [Getty Images]

Естонскиот премиер Андрус Ансип во неделата (16-ти март) допатува во историска посета на Tурција. Разговорите со колегата Реџеп Тајип Ердоган се фокусираа на политиката, одбраната, трговијата и културата, како и на актуелните регионални и меѓународни настани. Ансип е првиот естонски премиер кој ја посетил Турција во историјата на двете земји.

***

Претседателот на бугарскиот парламент, Георги Пирински, во понеделникот (17-ти март) ја започна дводневната посета на Грција, на покана од колегата Димитрис Суфас. Неговата агенда вклучува разговори со премиерот Костас Караманлис и водачите на партиите во парламентот.

***

Претседателот на хрватскиот парламент, Лука Бебиќ, во понеделникот (17-ти март) ја започна дводневната посета на Maкедонијa. Ова е негова прва посета на странска земја откако дојде на функцијата во јануари.

***

Tурскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган во саботата (15-ти март) му телефонираше на рускиот претседател Владимир Путин, да му честита на резултатите од неодамнешните претседателски избори во Русија. Двајцата изразија задоволство од нивото на билатералните односи.

***

Претседателот на црногорскиот парламент, Ранко Кривокапиќ, во четвртокот (13-ти март) пристигна во официјална посета на Велика Британија. Тој оствари разговори со британскиот министер за Европа, Џим Марфи, и со шефот на парламентарната група на Лабуристичката партија, Џеф Хун.

***

Претседателката на албанскиот парламент, Џозефина Топали, во средата (12-ти март) доби гаранции од литванската влада, дека ќе ја поддржи кандидатурата на Албанија за интегрирање во евроатланските структури. За време на дводневната официјална посета на Рига, Топали се состана со претседателот Валдис Затлерс.

***

За време на разговорите во вторникот (11-ти март) во Баку, азербејџанскиот претседатрл Илхам Алијев и неговиот бугарски колега, Георги Парванов, разговараа околу начините за продлабочување на политичката, економската и културната соработка. Алијев рече дека Азербејџан се поставува себеси како важен снабдувач на енергетски ресурси на европскиот пазар и веќе пренесува енергија долж четирите извозни гасоводи. Парванов, пак, го повика Азербејџан да стане дел од проектот за гасоводот Набуко.

***

Словачкиот претседател Иван Гаспаровиќ во вторникот (11-ти март) рече дека ја поддржува кандидатурата за влез во НАТО на Хрватскa и Maкедонија. „Праведно е овие две земји да се приклучат на организацијата на нејзиниот претстоен самит“, рече Гаспаровиќ за време на состанокот со својот македонски колега, Бранко Црвенковски, во Братислава. Тој ги повика Македонија и Грција брзо да постигнат компромис во нивниот спор околу името.

Разни извори – 11/03/08-18/03/08