SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/newsbriefs/2008/05/06/nb-01

Бабаџан: Курдите треба да се приклучат на борбата против ПКК

06/05/2008

AНКАРА, Турција -- Турскиот министер за надворешни работи, Али Бабаџан, во понеделникот (5-ти мај) го пофали обновениот дијалог со ирачките Курди, но предупреди дека блиските врски зависат од нивната поддршка во борбата на Турција против милитантната Курдистанска работничка партија (ПКК). Ирачкиот претседател Јалал Талабани, ирачкиот премиер Нури ал-Малики и премиерот на курдската администрација во северен Ирак, Нечирван Барзани, минатата недела остварија разговори со главниот советник на турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган, Ахмет Давутоглу. „Состанокот се одржа во исклучително позитивна атмосфера“, рече Бабаџан, додавајќи дека ова е прв директен контакт помеѓу двете страни во последниве две години.

Во меѓувреме, двајца милитанти на ПКК беа убиени во понеделникот од страна на турската пограничка полиција, додека се обидувале да ја преминат ирачката граница во Турција. Сударот се случи на место во близина на Улудере во покраината Сирнак, објави Генералштабот на својата веб-страница. (Тркиш дејли њус, Хуријет, Заман - 06/05/08; AФП, новинска агенција Анадолу - 05/05/08)