SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/05/15/feature-03

Полицијата пресече синџир на трговија со луѓе кој оперирал на аеродромот во Скопје

15/05/2008

Полициската рација, наречена Мени, резултираше со пресекување на синџирот на шверц со нелегални имигранти преку аеродромот Александар Велики во Скопје. Наплаќајќи помеѓу 3.000 и 5.000 евра, истиот фалсификувал патни документи и визи и обезбедувал авионски билети за Косовари, Кинези, Курди и Турци.

Од Горан Трајков за Southeast European Times во Скопје - 15/05/08

photo

Седум лица беа уапсени минатиот месец на скопскиот аеродром Александар Велики. [Getty Images]

Додека бара либерализација на визниот режим на ЕУ, Македонија презема остри мерки против трговијата со луѓе. На 8-ми мај земјата доби листа на барања од ЕУ како што е „интегриран граничен менаџмент“, кои мора да се исполнат за да можат нејзините државјани да патуваат без визи до земјите на ЕУ, почнувајќи од 2009 година.

На 20-ти април полицијата уапси седум лица од Скопје, наводно, соучесници во трговијата со нелегални имигранти за западните земји во текот на изминатите десет години. Полицијата ја следела групата една година и ги изврши апсењата во Скопје. Бесник Гуџуфи, Мендух Аџами и Енес Камберов, се осомничените организатори. Притворен е и Исуг Рамадани, браќата Семи Брахими и Насер Брахими, како и Лејла Бафтијар. „Криминалната група организирала синџир за трговија со луѓе за западните земји“, рече министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Таа рече дека инфилтрираните лица собрале „докази и документи за шверцување девет лица од Косово“.

Групата испраќала луѓе од Косово за Германија, Шведска, Франција и Швајцарија преку аеродромот Александар Велики. Клиентите кои имале српски документи или косовски патни документи издадени од УНМИК добивале фалсификувани пасоши, авионски билети за посакуваните земји и сместување.

Според Министерството за внатрешни работи, полициската операција Мени започнала минатата година, со сослушувања и инфилтрација. По преземањето на овие мерки, полицијата фатила двајца емигранти испратени од оваа група на 11-ти август 2007 година, пронаоѓајќи ги во летот Скопје-Женева. Властите уапасија уште пет други потенцијални емигранти, кои патуваа од Скопје за Париз еден месец подоцна.

Во текот на десетте од 15-те години постоење на шверцерскиот синџир, илјадници негови клиенти поминале преку аеродромот, земајќи им милиони евра на шверцерите. Тројца членови на синџирот кои полицијата не може да ги најде добија затворска казна во отсуство.

За оваа истрага да успее, македонската полиција мораше да соработува со властите во земјите-цел на имигрантите. Меѓународната истрага покажа дека во шверцот учествувале и луѓе од Запад, тесно поврзани со групата во Скопје.

Минатата година полицијата фати 176 нелегални имигранти и уапси 91 лице осомничено за трговија со луѓе. Помеѓу имигрантите има 79 Албанци, 46 Кинези, 28 косовски жители, десетмина Грузијци, шестмина Македонци, петмина Турци и двајца Молдавци. Од 91 осомничени шверцери, 85 се Македонци, двајца се Албанци, двајца Швеѓани, еден Молдавец и еден Турчин. Министерството за внатрешни работи вели дека бројот на случаи на трговија со луѓе решен од страна на полицијата во 2007 година пораснал за 46 отсто во споредба со бројката во 2006 година.