SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/05/15/feature-02

Турција отпочна нов дијалог со ирачките Курди

15/05/2008

Турција ги имаше своите први контакти на високо ниво со официјалните претставници на регионалната влада на ирачките Курди, што според некои анализи би можело да ја подобри климата за решавање на курдското прашање.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 15/05/08

photo

„Ова претставува важен чекор за создавање атмосфера на доверба“, рече турскиот претседател Абдула Ѓул. [Getty Images]

Во обид за отворање разговори помеѓу турските претставници и ирачките Курди, главниот советник за надворешна политика на премиерот Реџеп Тајип Ердоган, Ахмет Давудоглу, и турскиот специјален претставник за Ирак, Мурат Озчелик, се состана со курдскиот регионален премиер Нечирван Барзани во Багдад, на почетокот од овој месец.

Двете страни ги разгледаа прашањата кои им штетат на билатералните односи, според соопштението од канцеларијата на ирачкиот претседател Јалал Талабани. „Двете страни најдоа неопходен механизам за надминување на овие пречки кои му штетат на развојот на односите“, се истакнува во истото.

Блиските врски помеѓу Турција и ирачките Курди се влошија по ирачката војна. Анкара ги обвини ирачките Курди дека ја заштитуваа терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК), чии членови ги користат базите во северен Ирак за спроведување напади преку границата. Турските репресалии против ПКК во последниве неколку месеци ја усложнија тензијата.

Но, по состанокот во Багдад, позитивните коментари на двете страни сигнализираа нов период. Курдскиот регионален претседател Масуд Барзани истакна дека првиот официјален контакт во последниве години помогнал да се урне „психолошката бариера“. „Ова е важен чекор за создавање атмосфера на доверба“, рече турскиот претседател Абдула Ѓул.

Барзани, исто така, одби да се состане со делегацијата од турската прокурдска Партија на демократско општество (ДТП). „Барзани сфати дека исто како што создаваат нова атмосфера на помирување со Анкара, би било погрешно да се состане со делегација која толку блиску се идентификува со ПКК од страна на Турците“, рече главниот колумнист на Њу Анатолијан.

Турскиот министер за надворешни работи, Али Бабаџан, рече дека наскоро ќе има близок дијалог -- како со ирачката централна, така и со курдската регионална влада -- за енергијата, трговијата и борбата против тероризмот. Нивото и фрекфенцијата на дијалогот ќе бидат тесно поврзани со конкретната реторика и делата, особено оние во борбата против тероризмот, рече Бабаџан.

„Нашата ирачка политика бара понатамошен дијалог и подобрени односи со сите групи во земјата ... Сега можете да очекувате зголемување на контактите со локалната администрација во северен Ирак на различни нивоа“, рече Бабаџан.

Според Седат Бозкурт од телевизија Фокс турк, скорешната соработка помеѓу двете страни нема да вклучува заедничка операција против ПКК во регионот, бидејќи ирачките Курди сé уште имаат резерви. „Но, тоа дефинитивно ќе биде психолошки притисок врз ПКК“, рече тој, додавајќи дека воената опција не може да биде единствената алатка за елиминирање на ПКК. „Двете страни си се потребни една на друга“, истакна тој.

Турција ги засили воените дејства против ПКК почнувајќи од декември 2007 година, со воздушни напади и копнен упад во февруари.