SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/05/13/feature-02

Во Хаг заврши судскиот процес за Љуботен

13/05/2008

По 13 месеци судењето на поранешниот македонски министер за внатрешни работи и поранешниот припадник на безбедносните сили Јохан Тарчуловски заврши.

Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје -- 13/05/08

photo

Хашкото судење на поранешниот македонски министер за внатрешни работи Љубе Бошковски траеше една година. [Getty Images]

Судскиот процес за поранешниот македонски министер за внатрешни работи Љубе Бошковски и поранешниот припадник на безбедносните сили Јохан Тарчуловски заврши минатата недела во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг. Судењето, кое започна на 16-ти април 2007 година, вклучуваше сведочење на 64 сведоци, 1.200 доказни предмети и 11.000 страници од записникот на сослушувањето на свдеоците.

Во завршните зборови, обвинителот побара затворска казна во траење од 15 години за Тарчуловски и 12 години за Бошковски. Двајцата, наводно, го наредиле бруталниот полициски напад на селото Љуботен во близина на Скопје, населено претежно со албанско население, за време на конфликтот во 2001 година помеѓу македонските безбедносни сили и албанските герилци.

Според обвинителот, Бошковски имал командна одговорност за злосторствата, додека Тарчуловски носи индивидуална кривична одговорност за извршувањето, наредувањето, планирањето, поттикнувањето или помагањето и потпомагањето на злосторствата. Со употребата на зборот „извршување“ обвинителот не наведува дека обвинетите физички извршиле кое било од злосторствата, се вели во обвинението. Двајцата се единствените македонски државјани обвинети од страна на Трибуналот за кршење на обичаите на војната.

Адвокатите на одбраната велат дека обвинителите не докажале оти двајцата сносат одговорност за случајот. Правниот застапник на Бошковски, Едина Рашидовиќ, рече дека нема доказ оти поранешниот министер за надворешни работи дал команда за нападот или дека имал директно влијание над резервистите во Љуботен.

Бошковски презел законски мерки потребни за спроведување истрага за случајот -- информирајќи ги судските органи, воспоставувајќи комисија во Министерството за внатрешни работи и соработувајќи со релевантните претставници за време на истрагата во селото, рече Рашидовиќ. Канцеларијата на Хашкиот трибунал во Скопје, исто така, добила известување за жртвите.

Во своите завршни зборови, обвинителот рече дека полициската единица водена од Тарчуловски убила цивили и уништила 14 домоци кои не биле легитимни воени цели.

Судот им дозволи на Бошковски и Тарчуловски да имаат завршно обраќање. Тие му се заблагодарија на судот за „правичниот“ третман. Двајцата рекоа дека очекуваат праведна пресуда -- ослободување.

„Целосно се согласувам со јасно изразените позиции и аргументи на мојот одбранбен тим, кој стори сé што е во негова моќ за да ја рашири вистината за мојата земја, Македонија. Благодарен сум му што работеше во согласност со сите закони, за да не остане дамка за периодот кој го помина Република Македонија“, рече Бошковски.

Адвокатот на Тарчуловски, Антонио Апостолски, рече дека обвинителството не докажа оти неговиот клиент учествувал во заговорот. Тој истакна дека Тарчуловски ги следел наредбите на покојниот претседател Борис Трајковски.

Набљудувачите очекуваат пресуда во јули.