SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/05/13/feature-01

ЕУ повика на брзо формирање на новата српска влада

13/05/2008

Претставниците на ЕУ во понеделникот ја повикаа Србија брзо да формира влада која ќе може да го забрза патот кон европската интеграција.

(ФТ, Индипендант, Телеграф, Блиц, Б92 - 13/05/08; AП, Ројтерс, АФП, ДПА, ББС, Балкан инсајт, Бета, Б92 - 12/05/08)

photo

Поддржувачите на Демократската партија ја прославуваат победата на изборите во неделата (11-ти мај). [Getty Images]

Балканските земји, САД и ЕУ во понеделникот (12-ти мај) го поздравија исходот на парламентарните избори во Србија, на кои коалицијата предводена од Демократската партија (ДС) на претседателот Борис Тадиќ освои мнозинство гласови.

Хрватскиот претседател Стипе Месиќ истакна дека победата на „За европска Србија“ над националистичките сили е добар знак за иднината на целиот регион.

„Изборниот резултат исто така покажува дека ние имаме соседна земја во која значаен број луѓе ... не се фокусирани на минатото“, рече тој.

Официјалните претставници во другите балкански земји, вклучително и Македонија, Црна Гора и Косово, искажаа сличен став како оној на Месиќ, поздравувајќи го исходот од најважните избори во Србија откако демократските сили го соборија режимот на Слободан Милошевиќ во октомври 2000 година.

Победата на проевропската коалиција на Тадиќ на изборите во неделата дојде како изненадување, бидејќи сите предизборни анкети покажаа дека таа заостанува зад ултранационалистичката Српска радикална партија (СРС).

Државната изборна комисија во понеделникот објави дека „За европска Србија“ освои 38,44 отсто од гласовите и ќе има 102 места во парламентот од 250 места. СРС е втора со 29,36 отсто од гласовите или 77 места.

Силата на кампусот на Тадиќ ги задоволи западните власти и високите претставници на ЕУ, кои ги пофалија и српските гласачи за поддршката на европската интеграција.

„Српскиот електорат јасно покажа дека срцето му е во Европа“, се вели во соопштението на Американската амбасада во Белград во понеделникот.

Комесарот за проширување Оли Рен се приклучи на групата највисоки дипломати од блокот на 27 земји, кои го поздравија успехот на кампусот на Тадиќ и ја сигнализираа подготвеноста на Брисел да го поддржи побрзиот напредок на Србија во процесот на пристапување.

„Европската комисија ... го поздрави успехот на реформистичките сили кои ги делат европските вредности“, рече Рен. „ЕУ е подготвена да го забрза нивниот пат кон ЕУ -- вклучително и добивањето кандидатски статус за членство.“ Тој и други претставници на ЕУ повикаа на брзо формирање на новата влада.

„Се надевам дека новата влада, која ќе биде непоколеблива во спроведувањето на реформите и исполнувањето на неопходните услови за понатамошен напредок кон Европа, ќе биде наскоро формирана“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, во понеделникот. Но, со оглед на тоа што ниту коалицијата на Тадиќ, ниту СРС не успеаја да обезбедат директно мнозинство во парламентот од 126 члена, двете бараат коалициски партнери.

Четвртопласираниот -- коалицијата предводена од Социјалистичката партија на Србија (СРС), претходно предводена од Милошевиќ, која освои 7,6 отсто од гласовите и ќе заземе 20 парламентарни места -- се смета дека ќе ја има главната улога.

Коалицијата помеѓу Демократската партија на Србија на премиерот Воислав Коштуница и Нова Србија, која беше трета со 11,59 отсто поддршка, односно 30 места, ја сигнализираше својата подготвеност да се приклучи на коалициската влада предводена од СРС. Заменик-претседателот на СРС, Томислав Николиќ, во понеделникот се состана со Коштуница, на разговори за формирање заедничка влада. Заедно, со местата на СПС, тие би имале мнозинство од 127 места.

Набљудувачите сметаат дека коалицијата помеѓу Тадиќ и Коштуница е невозможна, поради тоа што нивното несогласување околу кандидатурата на земјата за членство во ЕУ се продлабочи откако повеќето членки на ЕУ ја признаа независноста на Косово. Тоа значи дека на претседателот ќе му требаат и социјалистите и некои етнички коалиции за да обезбеди парламентарно мнозинство. Прозападната Либерал-демократска партија на Чедомир Јовановиќ, која освои 5,24 отсто поддршка од гласачите и ќе има 13 од сите места во парламентот, наводно се противи на коалицирање со СРС.