SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/05/02/feature-02

Србија се подготвува за индустриски парк

02/05/2008

Изградбата на најголемиот индустриски парк за ИТ на Балканот се очекува да заврши до средината на 2009 година. Паркот би можел да има 25.000 вработени.

Од Давор Коњикушиќ за Southeast European Times од Белград - 02/05/08

photo

„Белград ги задоволува потребите на нашите клиенти, поради неговите идни перспективи и добриот пристап на луѓето тука“, рече претседателот на Ембаси груп, Јиту Вирвани. [AФП]

Изградбата на најголемиот индустриски парк за ИТ на Балканот ќе започне во следните пет месеци, откако Ембаси груп од Индија ќе ги добие сите потребни градежни дозволи за Инџија, мал град во близина на Белград.

Ембаси груп е една од најпочитуваните градежни претпријатија во Индија, специјализирана за квалитетен простор и ексклузивен дизајн. Истата се концентрира на градење од темел нагоре на локации без никакви претходни активности. Овој договор има за цел да ја искористи растечката тенденција на светските претпријатија за ИТ, за услуги со технологија „близу до изворот“, поблиски до западните клиенти отколку да ги изнесува до сé поскапата Индија.

„Многу луѓе не прашуваат зошто ова индиско претпријатие доаѓа во Белград ... Посетивме многу земји во Источна Европа и баравме партнер кој ќе може да ни служи на Источноевропскиот пазар. Заклучивме дека Белград ги задоволува потребите на нашите клиенти, поради своите идни перспективи и добриот пристап на луѓето тука“, рече претседателот на Ембаси груп, Јиту Вирвани.

Вирвани рече дека проектот веќе привлекува интерес од некои негови најголеми клиенти, како што се ИБМ и Хјули-Пакард. Помеѓу градежните претпријатија, според Вирвани, Ембаси груп е една од водечките по бројот на простори за изнајмување на своите пазари на ИТ низ целиот свет.

„Многумина наши изнајмувачи ќе дојдат во паркот на ИТ и ние брзаме ... Ќе сториме сé што можеме да го направиме Белград привлечна дестинација на ИТ“, вели Вирвани.

Во првата фаза, паркот на ИТ ќе има 25.000 метри квадратни простор и ќе вработува околу 2.500 луѓе. „Ова е многу важен проект за нас, бидејќи српските студенти кои завршиле електротехнички и технички науки ја напуштаат земјата ... за да работат во големи меѓународни софтверски претпријатија. Наша должност е да ги убедиме ... да останат и да работат во Србија“, рече Млаѓан Динкиќ, министер за економија и регионален развој.

Владата наскоро ќе ги издаде неопходните одобренија, и за да го изгради паркот на индиското претпријатие ќе му требаат околу девет месеци.

Градот Инџија и неговиот млад градоначалник, Горан Јесиќ, се подготвуваат за паркот на ИТ. Градот нуди стипендии што ќе ги подготват студентите да работат таму. Исто така, има некои идеи за изградба универзитетски технички кампус во близина.

„Во моментов имаме неколку светски познати инвестициски фондови кои се заинтересирани за изградба станбени зони и водоводи“, вели Јесиќ.

Ако овој парк успее од комерцијален аспект, во следните пет години може да порасне на 250.000 метри квадратни и повеќе од 25.000 вработени. Неговиот годишен извоз може да ја надмине сумата од 1,28 милијарди евра.