SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/04/08/feature-02

Ал каеда на удар на турската полиција и судовите

08/04/2008

Во втората голема операција оваа година, полицијата минатата недела уапси група осомничени членови на Ал каеда. Во саботата турскиот суд обвини 24 од нив.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 08/04/08

photo

Турската полиција уапси група осомничени припадници на Ал каеда. [Getty Images]

Турскиот суд во саботата (5-ти април) покрена обвинение против 24 осомничени членови на Ал каеда, за планирање бомбашки напади и припаѓање на терористичка организација. Тие се обвинети за ковање заговор за напади во Истанбул ако Турција одлучи да испрати нови војници во мисијата предводена од НАТО во Авганистан.

Осомничените беа дел од групата од 35 лица уапсени од страна на полицијата на 1-ви април, во нивната втора голема операција оваа година против Ал каеда, која наводно планира самоубиствени напади во Турција.

Според полицијата, обвинетите се реорганизирале во истанбулска ќелија четири години по бомбашките напади во ноември 2003 година, во кои загинаа 63 лица.

Осомничените биле поврзани со мрежата на Ал каеда во југоисточна Турција, која беше прекината со големата операција во јануари. Еден полицаец и четворица од осомничените милитанти загинаа во 13-часовната престрелка на 24-ти јануари.

Неодамнешните полициски рации во Истанбул и покраините Хатај, Коња и Газиантеп дадоа важни податоци за турската Ал каеда. „Овие осомничени се членови на терористичките организации кои ја искористуваат религијата“, вели турската полиција. Водачите биле обучени во воени кампови во „т.н. региони на џихад“ и потоа вратени во Турција да спроведуваат терористички дејства со инструкции и финансиска помош на нивната организација.

Во соопштението намерно се испуштаат зборовите исламски или исламски тероризам. Премиерот Реџеп Тајип Ердоган категорично ги отфрли овие термини врз основа на тоа дека ниту една религија не дозволува тероризам и дека би било невкусно да се стави зборот исламски пред зборот тероризам.

Неодамнешната операција покажа дека новата ќелија на Ал каеда била организирана околу двете мали џамии и истата формирала свои сопствени училишта, наместо да ги испраќа децата на своите членови во државни училишта.

Истанбулската ќелија, исто така, го отфрлила турскиот правен систем и воспоставила свој сопствен исламски правен систем.

За време на полициските рации, запленети се различни документи и цедеа со информации за воената обука. Истанбулската полиција вели дека осомничените се подготвувале за вршење терористички дејства во соработка со другите радикални групи во Турција.

Во петокот пакистанските безбедносни сили уапсија четири лица осомничени за врски со Ал каеда, објави Ројтерс. Сите четворица биле Турци, а тројца од нив имале турски пасоши.