SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/03/24/feature-02

Maкедонските затвори ќе се реновираат

24/03/2008

Преполните македонски затвори, со животни услови далеку под стандардите утврдени од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права, ќе бидат реновирани до мај 2010 година.

Од Димитар Боцевски за Southeast European Times во Скопје - 24/03/08

photo

Македонските затвори ќе се реновираат. [Getty Images]

Околу 4 милиони евра владини пари и 10 милиони евра од кредити на Европскиот совет, ќе бидат искористени за големо реновирање на петте најголеми затвори во Македонија од април 2008 до мај 2010 година.

Целта на овој проект во повеќе фази е исполнување на стандардите на ЕУ со реновирање на затворите во Прилеп, Охрид и Штип, како и на централниот државен затвор Идризово и затворот Шутка.

„Во Идризово планираме да изградиме затворска болница за зависниците и хронично болните пациенти, еден објект за затворениците со подолги затворски казни и еден објект за постарите затвореници. Женскиот затвор ќе биде трансформиран во женски државен затвор“, рече директорот на Дирекцијата за спроведување на санкциите при Министерството за правда, Јордан Михајловски.

Тој додаде: „Европскиот совет, разгледувајќи ја нашата апликација за членство во ЕУ, главно ни препорача да ги подигнеме целокупните стандарди. Нашата цел е затворските услови да бидат усогласени со стандардите за човекови права.“

Околу 1,8 милиони евра од проектот КАРДС 2006 ќе бидат искористени за реконструкција на затворите во Штип и Прилеп, како и централниот државен затвор Идризово. Потоа, штипскиот затвор ќе биде проширен во регионален затвор и неговиот капацитет ќе се зголеми за 400, со што делумно ќе се намали пренатрупаноста во Идризово.

„Некои недостатоци во македонските затвори од мониторингот од 2004 година се отстранети“, рече претставникот на Советот на ЕК, Ерик Шиванидзе. Тој додаде: „Животните услови се во извесна мера подобрени, но сé уште има недостаток на персонал во затворското обезбедување и администрацијата.“

Заменик народниот правобранител, Драги Целевски, заклучи по неговите затворски посети во 2006 и 2007 година дека: „Животните услови и процедурите за одобрување отсуство, посети и други привилегии се помеѓу најчестите проблеми за кои осудениците бараат помош“.

Сепак, тој заклучи дека најголем проблем е тоа што затворениците не се свесни за своите права. „Ние ги подучивме како да си ги заштитат своите права“, рече Целевски.

Затворениците велат дека ќелиите се преполни, со шест до осум луѓе во една ќелија за четворица, при што некои спијат на душеци на земја, со застоен воздух, со ѕидови и тавани прекриени со мувла. Понекогаш затворениците со покуси затворски казни се во исти ќелии со затвореници со подолги казни. Дрогата е полесно достапна отколку на улица, додека цената е понекогаш и десетпати повисока.

Во моментов во македонските затвори има вкупно 2.200 затвореници. Од тоа, 1.350 се во затворот Идризово, кој има капацитет од 400 затвореници. Затворот во Шутка е, исто така, преполн, по неколкуте големи апсења во изминативе месеци.

Поплаки за затворските услови, наводно, се упатуваат до македонскиот огранок на Хелсиншкиот комитет за човекови права во изминативе 17 години, како и до други невладини организации ориентирани кон човековите права, како и од страна на роднините и адвокатите на затворениците.