SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/03/20/feature-03

Хрватите загрижени за нивните инвестиции во Србија

20/03/2008

Бизнис соработка помеѓу Хрватска и Србија во последно време стана успешна приказна на Западен Балкан, но членовите на бизнис заедницата во двете земји се загрижени во врска со српските реакции на официјалното хрватско признавање на Косово.

Од Наташа Радиќ за Southeast European Times во Загреб –20/03/08

photo

Членовите на хрватската бизнис заедница се загрижени поради падот во бизнис соработката и заштитата на нивните инвестиции во Србија. [Getty Images]

Косовското прогласување независност и протестите што следеа во Белград имаа негативно влијание врз хрватската економија поради тоа што повеќе од 200 хрватски претпријатија имаат инвестиции во Србија.

Економската соработка помеѓу двете земји е во константен пораст. Хрватската стопанска комора вели дека хрватските претпријатија инвестираа повеќе од 390 милиони евра во Србија, иако го задржаа нискиот профил. Но, сега хрватските претпријатија се загрижени дека нивните бизниси и инвестиции во Србија ќе бидат погодени поради тоа што Хрватска официјално го призна Косово.

Во средата (19-ти март) хрватската влада -- заедно со Бугарија и Унгарија -- објавија дека ја признаваат независноста на Косово.

Во текот на минатомесечните немири во Белград, Хрватската амбасада беше нападната и прозорците на една хрватска продавница во Ужице беа скршени. Членовите на бизнис заедницата, кои зборуваа со хрватскиот печат неофицијално, рекоа дека се надеваат оти политичките водачи во Хрватска ќе ја имаат предвид позицијата на хрватските инвеститори во Србија кога ќе одлучуваат како да се постават во врска со косовското прашање.

Тие се загрижени дека поради признавањето на Косово, не само што ќе им биде направена штета на хрватските инвестиции во Србија, туку тоа ќе има негативно влијание и врз долгорочната бизнис соработка помеѓу земјите.

„Сметаме дека владата донесе правилна одлука со тоа што не брзаше да биде помеѓу првите земји што го признаа Косово“, изјави за весникот Глобус директорот на Хрватскиот сојуз на претприемачи, Ѓуро Попијац. „Нашата влада треба да е свесна дека не може да се споредува себеси со Германија или САД.“

„Нашата бизнис соработка со Србија е во пораст, нашата трговска размена е солидна и ние очекуваме повеќе од 400 милиони евра годишно на српскиот пазар“, додаде тој. Засега хрватските претпријатија се надеваат дека ситуацијата наскоро ќе се смири и дека српските потрошувачи нема да ги бојкотираат хрватските производи или претпријатија.