SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/03/20/feature-02

Странските директни инвестиции во Албанија во пораст

20/03/2008

Албанија има повеќе странски инвеститори од кога и да е претходно и владата очекува оваа тенденција да продолжи, ако земјата добие покана да влезе во НАТО по самитот во април во Букурешт.

Од Мањола Хала за Southeast European Times во Тирана – 20/03/08

photo

Експертите очекуваат инвестиции во енергетскиот сектор оваа година. [Getty Images]

Албанија привлекува повеќе странски директни инвестиции (СДИ) со високата профитабилност и ниската цена на трудот, како и со фискалните реформи кои се во тек, напредокот во борбата против корупцијата, ниските стапки на инфлација и негативниот трговски биланс.

Поради способноста на СДИ да генерираат работни места и да придонесуваат за долгорочниот економски развој, владата го постави за приоритет нивното привлекување.

Експертите очекуваат инвестиции главно во енергетскиот сектор оваа година, како и во природните ресурси и туристичкиот сектор. Изградбата на хидроцентралите и термоцентралите, заедно со приватизацијата на државната електродистрибуција на нафта и осигурителните претпријатија, нудат можност за странските претпријатија да инвестираат во Албанија.

Програмата за поттикнување странски инвестиции на владата, веќе дава резултати. Со иницијативата „Албанија 1 евро“ -- која има за цел привлекување инвеститори нудејќи влез на странските фирми на албанскиот пазар за едно евро -- грчкиот конзорциум Атермон СА - Родер енд Блеквел консалтинг победи на тендерот за реконструкција на термоцентралата од шест оддели.

Иако конзорциумот плати едно евро за да влезе на пазарот, истиот ќе инвестира најмалку 100 милиони евра во електроцентралата, која беше изградена во 1966 година од страна на Кинези и реструктуирана во 1980-тите со чешка технологија.

Приватизацијата на државните претпријатија, исто така, се користи за привлекување инвеститори. Австриски, чешки и италијански претпријатија, изразија заинтересираност за купување на дистрибутивниот оддел од државното претпријатие за електростопанство, КЕШ. Министерството за економија, трговија и енергија вели дека одделот ќе стане сопственост на едно големо странско енергетско претпријатие оваа година.

Покрај ова, приватизацијата на државното нафтено претпријатие, АРМО, наиде на заинтересираност кај најмалку 20 претпријатија. Сумата на продажбата би можела да достигне 84,7 милиони евра.

Државното осигурително претпријатие ИНСИГ, исто така, е планирано за приватизација, додека трите најголеми приватни претпријатија за осигурување во Албанија беа купени делумно или целосно од страна на меѓународни осигурителни групи.

Албанските природни ресурси, исто така, привлекуваат инвеститори. На крајот од јануари, австриското претпријатие за електрична енергија ЕВН победи на тендерот за експлоатација на хидропотенцијалот на реката Девол, со годишно производство од 985,400 миливатичасови.

Едно австриско и едно канадско консалтинг претпријатие ја испитуваат можноста за експлоатација во областите на Албанија богати со минерали, по зголемениот извоз на хром, според владини извори.

Со развојот на инфраструкурата, владината промоција и зголемениот број туристи -- делимно поради зголемувањето на туризмот во соседните јадрански земји, албанскиот туризам станува сé поатрактивен за странските претпријатија. На пример, инвестицијата во железнички систем, вредна 500 милиони евра, која ја планира кинеското претпријатие за изградба на железници, се очекува да ги поттикне можностите за патување.

Иако ниски според регионалните стандарди -- привлекувајќи само 195 милиони евра од октомври 2007 година -- инвестициите во Албанија се зголемија во последниве години. Аналитичарот на Економските конференции, Ричард Имс, за новинарите изјави дека ако владата значително ја подобри климата, инвестициите ќе дојдат. Се чини дека владата го послуша тој совет.