17/03/2008
На помалку од еден месец до самитот на НАТО во Букурешт, парламентарните партии се согласија да го поддржат премиерот Никола Груевски. Но, во понеделникот изби нова криза, откако членовите на Демократската партија на Албанците се заканија со бојкот.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје – 17/03/08
![]() Премиерот Никола Груевски пристигнува на итниот состанок со водачите на најголемите политички партии во Скопје. [Getty Images] |
Најголемите политички партии во Македонија во саботата (15-ти март) се согласија дека премиерот Никола Груевски треба да води малцинска влада до самитот на НАТО во Букурешт, кој започнува на 2-ри април. Но, во понеделникот изби нова криза, откако членовите на Демократската партија на Албанците (ДПА) се заканија со бојкот на владините институции.
ДПА минатата недела ја напушти владејачката коалиција, велејќи дека Груевски ги одбил барањата на партијата. Сепак, сите политички партии во Македонија -- вклучително и ДПА -- во саботата се согласија дека сегашната администрација треба да продолжи, со оглед на критичната ситуација со која Македонија се соочува во врска со својата кандидатура за влез во НАТО.
Таа кандидатура е во опасност поради тековниот спор околу името со Грција, членка на Алијансата. Атина вели дека ќе го искористи своето право на вето за да спречи Македонија да добие покана, ако не биде најдена прифатлива формула пред самитот.
Владата на Груевски се соочува со уште еден круг разговори во Виена оваа недела, каде што специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, ќе се состане со преговарачите од двете страни.
„Ние ќе функционираме како малцинска влада во следните две или три недели, со широка политичка поддршка, и се надеваме дека ваквиот однос ќе биде демонстриран и во парламентот“, рече министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, во саботата.
Јани Макрадули, заменик-претседателот на најголемата опозициска партија -- Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) -- рече дека како одговорна партија, СДСМ ќе ја поддржи владата до април.
ДПА минатата недела излезе од владејачката коалиција бидејќи не доби поддршка за некои од своите предлози, вклучително и пошироката употреба на албанскиот јазик и знаме, и повеќе бенефиции за етничките албански ветерани од конфликтот во 2001 година. ДПА, исто така, сака Македонија да го признае новото, независно Косово.
И покрај повлекувањето, партијата најпрво се согласи да ја поддржи малцинската влада. Но, во понеделникот еден од нејзините највисоки членови, вицепремиерот Имер Алиу, рече дека ДПА повеќе не може да работи со Груевски. Тој рече дека ќе побара од партиското раководство да објави соопштение во кое ќе ги повика сите етнички Албанци да се повлечат од владините институции.
Коментарот на Алиу беше, наводно, испровоциран од интервјуто што Груевски го даде изминатиот викенд, во кое тој вели дека ДПА работи за странските интереси.
Дури и со бојкот на ДПА, администрацијата на Груевски сé уште ќе може да функционира, со оглед на тоа што има доволно парламентарна поддршка.
Претседателот Бранко Црвенковски, член на СДСМ, рече дека на само 20 дена до априлскиот самит, разговорите со Грција се во својата „најделикатна фаза“.
Тој, исто така, сигнализираше дека е отворен прозорецот за можен компромис. „Ако биде најдена формулација со дополнителен збор или придавка -- која нема да значи уништување на националниот идентитет, туку дополнително опишување на нашето државно уредување -- јас сметам дека можеме да ги оствариме целите на двете земји“, рече претседателот. Неговата изјава е отстапка од претходниот став на Македонија, со кој се отфрлаше можноста за каква било промена на името на земјата.