SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/02/27/feature-02

Тачи вели дека Косово е подготвено да го брани својот територијален интегритет

27/02/2008

Премиерот Хашим Тачи ја осуди реакцијата на Белград на независноста на Косово, истовремено обидувајќи се да ги смири стравувањата на Србите и да ги убеди дека за нив има место во новото, независно Косово.

Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина -- 27/02/08

photo

Косовскиот премиер Хашим Тачи (десно), шефот на УНМИК, Јоаким Рикер (во средината) и командантот на КФОР, генерал-полковник Ксавиер де Марнак, одржаа прес-конференција по состанокот во понеделникот (25-ти февруари) во Приштина. [Лаура Хасани]

Одговарајќи на српските изјави дека земјата ќе управува со областите во Косово, премиерот Хашим Тачи во вторникот (26-ти февруари) истакна дека Косово е подготвено да ја брани својата територија.

„Јас сум постојано во контакт со НАТО, за да спречам некој да допре макар и еден сантиметар од косовската територија“, рекол Тачи, според Ројтерс. „Ги разбираме и почитуваме мирните реакции, загарантирани со законот, но нема да дозволиме територијалниот интегритет на Косово да биде компромитиран.“

Тачи го изјави ова за време на посетата на централното село Рачак, каде што српските сили убија косовски Албанци во 1999 година, пред интервенцијата на НАТО. Тој реагираше на изјавите од понеделникот на српските владини претставници, кои инсистираа на тоа дека Белград ќе продолжи да управува со областите во Косово што имаат мнозинско српско население.

Осудувајќи го ставот на Белград, Тачи истовремено се обидува да ги смири стравувањата на Србите и да ги убеди дека за нив има место во новото, независно Косово. Во неделата тој ги повика да им веруваат на косовските институции.

„Ќе им помогнам на Србите да се интегрираат во новата држава Косово“, рече Тачи, истакнувајќи дека КФОР и Косовската полициска служба ја држат ситуацијата под контрола. „Нема причина за паника.“

Во врска со протестите што се одржуваат во Србија и српските енклави, тој рече дека истите се „наивни“. Ваквите демонстрации „немаат никаква корелација со српските граѓани во Косово“, рече тој.

Во меѓувреме, во вторникот, специјалниот претставник на ЕУ во Косово, Питер Фејт, рече дека нема да потклекне пред притисокот чија цел е спречување на распоредувањето на мисијата на ЕУ, ЕУЛЕКС. Шефот на мисијата, генерал-полковник Ив де Кермабон, додаде дека очекува мисијата да почне да се распоредува во северно Косово следната недела.

ЕУ ќе почека уште малку за да види како ќе се развиваат работите, рече Кермабон, но ЕУЛЕКС ќе биде распоредена во турбулентниот север. Тој рече дека ЕУ ќе има 800 полицајци во Косово до средината на јуни.

Минатата недела Фејт привремено го повлече целиот персонал од северниот дел на Косово, во кој доминира српското население, поради загриженоста за безбедноста во врска со демонстрациите на косовските Срби и евентуалната ескалација на насилството таму.

„Привремено го повлековме нашиот персонал, но ќе ја задржиме нашата канцеларија на северот“, им рече Фејт на новинарите за време на посетата на Призрен.