SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/02/11/feature-01

Турција дозволи исламски шамии на универзитите

11/02/2008

Премиерот Реџеп Тајип Ердоган го поздрави гласањето во парламентот како триумф за демократијата, но турските секуларисти го сметаат за закана за одвоеноста на верата и државата.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times – 11/02/08

photo

Избор на шамии во една истанбулска продавница. [Getty Images]

Парламентот во саботата (9-ти февруари) гласаше да се дозволи носење на исламски шамии на универзитетите, носејќи й победа на исламистичката Партија на правата и слободата (АКП). Во понеделникот жените што носат шамии добија дозвола да влезат на универзитетите во градовите Кочаели, Адана и Дијарбакир, дури и покрај тоа што законот -- за кој е потребен потпис од претседателот Абдула Ѓул -- сé уште не влегол во сила.

Во меѓувреме, десетици илјадници луѓе одржаа митинг во Анкара протестирајќи поради овој потег на парламентот. Турските секуларисти -- кои ја вклучуваат и сé уште моќната армија, судството и академиците -- гледаат во шамиите симбол на политичкиот ислам, растечко движење во Турција кое се противи на строгото одвојување на државата и религијата.

Противниците велат дека укинувањето на забраната ќе го зголеми социјалниот притисок врз жените за носење шамии, особено во малите градови. Тие предупредуваат дека турското општество ќе стане пополаризирано, а универзитетите ќе станат големи идеолошки бојни полиња.

Армијата остана нема во текот на изминатите дебати, но високи судии и универзитетски ректори ги осудија измените како „неуставни“. Најголемата турска опозициска партија, Републиканската народна партија (ЦХП), вети дека ќе поднесе жалба до Уставниот суд, барајќи поништување на одлуката.

Според водачот на АКП, премиерот Реџеп Тајип Ердоган, пак, гласањето на парламентот претставува триумф за демократијата и правдата. Говорејќи во неделата пред околу 15.000 турски имигранти во Келн, Германија, тој инсистираше на тоа дека „реформите за пошироки слободи во Турција“ ќе продолжат. Во исто време, тој го критикуваше турското општество дека ја загубило својата морална ориентација.

„Турција не успеа да ја увезе науката од западниот свет и наместо тоа увезе неморална ориентација од Запад“, изјави Ердоган пред претежно конзервативната публика од турски имигранти во Германија. Неговиот коментар беше поздравен со воодушевувачки аплауз.

ЕУ немаше коментар за гласањето во саботата. Но, известувачот на Европскиот парламент за Турција е загрижен.

„Загрижен сум дека оваа сегашна вжештена дебата во Турција може да води од укинување на забраната до морален притисок врз жените да носат шамии на универзитетите“, рече Рија Оомен-Руијтен. Но, таа додаде дека Европа не е вклучена во ова прашање и нема да објавува свој став за истото.

Соседот на Турција, Иран, кој е под строг исламски режим, го поздрави потегот на турскиот парламент. Хојатолеслам Бирија, висок советник на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинејад, за новинарите изјави дека ова претставува показател за ширењето на исламот во Турција.

Сите жени во Иран, вклучително и странците, се обврзани во јавноста да носат шамии, Бирија ги потсети новинарите.

Забраната за носење шамии во турските универзитети датира од 1980-тите. Истата беше значително затегната во 1997 година, кога армиските генерални, со поддршка од јавноста, ја соборија владата што ја сметаа за премногу исламистичка.

Неколку турски студентки поднесоа жалби до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во последниве години, тврдејќи дека државната забрана го крши нивното право на образование и претставува дискриминација.

Сепак, во 2005 година, судиите на ЕСЧП ја потврдија забраната во еден случај за примерок, на Лејла Сахин. Тие рекоа дека истата е оправдана на основа на тоа што Турција избегнува да й дава предност на која било религија во јавната сфера, и дека властите бараат одржување на јавниот ред.

„Судот не го заборави фактот дека постојат екстремистички политички движења во Турција, кои сакаат да ги наметнат во општеството како целина своите религиозни симболи и концепцијата на општество засновано на верските принципи“, рече судот.

Ердоган беше скептичен. „Изненаден сум од оваа одлука“, рече тој. „Европскиот суд нема право да говори за прашањето на шамиите. Тоа право им припаѓа на исламските улеми (мудреци).