SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2008/01/29/feature-02

Тревога во Турција поради насилството врз христијаните

29/01/2008

Серијата неодамнешни напади фрли светлина врз заканата со која се соочуваат верските малцинства, претежно од маргиналните ултранационалистички групи.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 29/01/08

photo

ЕУ ја обвини Турција дека не обезбедува соодветна заштита на христијаните и другите малцинства. [фотографија на SETimes]

Адријано Франчини, 65-годишен католички свештеник, само што ја завршил неделната миса во измирската црква Св.Антони, кога еден тинејџер му пристапил, изразувајќи интерес за преминување во христијанство. Додека свештеникот говорел со него, младичот -- всушност жесток националист -- се разбеснил и го прободил во стомак.

Франчини преживеа. Но, тројцата протестантски мисионери кои беа цел на напад претходно оваа година имаа помалку среќа. Тие беа мачени со часови пред да бидат убиени од група младичи во источниот град Малатја. Во 2006 година уште еден католички свештеник -- Андреа Санторо -- беше убиен од 16-годишен младич додека клечел и се молел.

Христијаните во Турција се соочуваат со непријателство не само од исламските екстремисти, туку и од ултранационалистите кои во нивното присуство гледаат закана по националната безбедност. Популарните телевизиски серии, како „Долината на волците“, ги портретираат како агенти во заговорот на глобалните сили за поткопување на исламот и турската нација. Ова телевизиско шоу, наводно, било инспирација за атентатот врз Франчини.

Бранот напади -- и особено убиството во Малатја -- шокираше многумина Турци. Претежно муслиманската, но секуларна, Турција се гордее со верската толеранција. Владата и скоро сите политички групи остро го осудија суровото убиство на мисионерите.

Сепак, за критичарите насилството е знак дека Турција не ги исполнува стандардите на ЕУ за верска слобода. Брисел долго време се жали дека земјата не успева целосно да ги заштити немуслиманските малцинства.

Според адвокатот кој ги застапува семејствата на убиените мисионери, еден од убијците имал контакти со локалната полиција. Турското Министерство за внатрешни работи тогаш отпочна истрага.

Адвокатот, Мехмет Али Кочак, исто така се пожали дека во обвинението се набројани сите во турската протестантска заедница и се дадени детални информации за нив. Тоа ја прави целата група цел, тврди тој, додавајќи дека властите се чини дека се повеќе заинтересирани да ги истакнат христијанските мисионерски активности, отколку да ги изложат вистинските виновници што стојат зад убиствата.

Еден друг адвокат кој ги застапува семејствата на жртвите, Орхан Кемал Ченгиз, ги обвини локалните медиуми во Малатја за антимисионерска кампања, што можеби го поттикнало нападот.

Помеѓу мисионерите беа и двајца турски државјани -- Нечати Ајдин и Угур Јуксел -- како и еден германски државјанин, Тилман Геске. Сопругата на Геске, Сузана, не ги обвинува генерално Турците за екстремизмот што му го одзеде животот на нејзиниот сопруг. Таа вели дека ја сака Малатја и сака да продолжи да живее таму со своите деца.

„По убиството, луѓето од соседството доаѓаа во нашата куќа да изразат сочувство. Имамот на куќата не посети и ни изрази сочувство. Верувам во секуларниот систем и правда на Турција“, рече Геске.

Зафер Ускул, шефот на парламентарниот Комитет за човекови права, учествуваше на двете судења поврзани со случајот од Малатја, од кои второто започна на 14-ти јануари.

„Турција е секуларна држава“, рече Ускул. „Една од основните потреби на државниот секуларизам е гарантирањето на слободата на религијата. Државата мора да се дистанцира од сите верски системи. Сепак, овие луѓе беа убиени поради нивните верувања. Тоа е неприфатливо.“