20/12/2007
Разговори за новите поглавја од политиката беа отворени со Хрватска и Турција, иако двете земји се движат со различно темпо во нивните напори за пристап во ЕУ.
(Заман, ФТ - 20/12/07; AФП, Ројтерс, ДПА, Блумберг, Дојче веле, Еуроњус - 19/12/07)
![]() Португалскиот министер за надворешни работи, Луис Амадо (лево), го пречекува својот турски колега, Али Бабаџан, пред меѓувладината конференција во седиштето на ЕУ во Брисел во средата (19-ти декември). [Getty Images] |
Хрватска и Турција започнаа разговори во средата (19-ти декември) за новите поглавја од повеќе од 35 области на политиката кои една земја кандидатка мора да ги исполни пред да влезе во ЕУ.
За Хрватска, со почетокот на разговори за поглавјата на трансевропските мрежи и финансиските и буџетските одредби на официјалната церемонија во Брисел во средата, се стигна до бројката 16 во вкупниот број области на политиката што се отворени од почетокот на преговорите за пристап.
Турција, исто така, започна разговори за уште две области. Поглавјата на преговорите за трансевропските мрежи и здравствената и потрошувачката заштита беа официјално отворени за време на конференцијата во Брисел, со која претседаваше португалскиот министер за надворешни работи, Луис Амадо, чија земја моментно претседава со ЕУ. Турската делегација беше предводена од министерот за надворешни работи, Али Бабаџан, кој е, исто така, главен преговарач на Анкара со блокот од 27 нации.
Поздравувајќи го напредокот, комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, кој исто така присуствуваше на конференцијата во средата, рече дека се покажало оти, и покрај одредени разлики, преговорите за пристап на Турција се движат во вистинската насока.
„Процесот на пристап во ЕУ на Турција продолжува и дава резултати“, рече тој.
Потегот од средата треба да се смета за доказ оти „ЕУ се придржува на своите обврски и го одржува својот збор“, додаде Рен. Тој ја повика Турција „повторно да го отвори својот реформски процес целосно, особено во поглед на слободата на изразувањето и верските слободи“.
За завршување на разговорите за двете поглавја, Турција мора да спроведе одреден број мерки за да ја усогласи својата легислатива со стандардите на ЕУ и нормите во овие области, како и да преземе чекори за подобрување на својот институционален и административен капацитет на некои свои структури. Но, со отворањето на разговорите за поглавјето на трансевропските мрежи, Турција ќе добие пристап и до субвенциите на ЕУ, што ќе й помогне да ја модернизира својата инфраструктура.
Со потегот од средата се стигна до бројката шест во вкупниот број поглавја од преговорите отворени од официјалниот почеток на разговорите за пристап на Турција во Унијата во октомври 2005 година.
Пред една година ЕУ ги прекина преговорите во осум области од политиката поради одбивањето на Турција да ги отвори своите пристаништа и аеродроми за сообраќајот од Кипар, кој пристапи во Унијата во 2004 година.
Истакнувајќи дека процесот на пристап на Турција „е сé уште целосно жив“, Амасо изрази загриженост во средата за падот на поддршката за кандидатурата на Анкара за влез во ЕУ, како дома, така и во Европа.
Според резултатите на новата стратегија објавена во вторникот, поддршката за членството во ЕУ на Турција се намалила на 49 отсто од 54 отсто минатата година и 73 отсто во 2004 година.
Во меѓувреме, кандидатурата на земјата за пристап во клубот од 27 нации е поддржана од само 21 отсто Европејци, според анкетата на германскиот Маршалов фонд во септември.