SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/blogreview/2008/05/09/blog-03

Недостатоците во здравството резултираат со смртни последици

09/05/2008

Албанска девојка почина од рутинска операција на крајниците. Блогерите прашуваат зошто.
photo

Здравствениот систем во Албанија е на удар. [AФП]

Матилда Петрити, 17-годишна средношколка, почина на 3-ти мај по операција на крајниците. За време на нејзината операција во приватна клиника во Поградец, источна Албанија, лекарот, наводно, по грешка й ја пресекол вената и коагулацијата на крвта во белите дробови предизвикала смрт кај Матилда. Случајот ја продлабочи загриженоста на јавноста за грешките во албанскиот здравствен систем.

Натписот на Кристи Пиндери за случајот „3445 скалпери за Албанија“, првично беше објавен во списанието МАПО и оттогаш беше повторно поставен на Peshku pa ujë, предизвикувајќи вжештена дебата. Некои блогери тврдат дека вниманието на медиумите ќе ги натера властите да направат промени, додека други се жалат за политикализација.

Koth, на пример, верува дека целта на авторот е да ја акцентира улогата на активистите на „Мјафт!“, како и на Г99, ново движење во Албанија.

Но, Klajdevour не се согласува. „Да ги оставиме настрана Г99 и МЈАФТ“, вели тој. „Сега каков е вашиот коментар? Верувам дека само на ваков начин нашите мисли можат да се ослободат од предрасуди.“

Размислувајќи за здравството во Албанија, Rob-ternet исто така го брани натписот на Пиндери и прави споредба со катастрофата од 15-ти март во Гердец. Иако катастрофата во фабриката за муниција донесе посензационални наслови, вели тој, дисфункционалниот здравствен систем не е ништо помалку смртоносен.

„Морам да му честитам на авторот поради тоа што говори за една ваква проблематична тема како што е здравството“, пишува Роб-тернет. „Трагедијата во Гердец уби 26 лица. Но, проблемите со албанскиот здравствен систем се еднакви на колку Гердеци? Не е лесно да се промени општата состојба во здравството. Но, да се биде во фокусот на медиумите може да му помогне на овој сектор да биде повнимателен и да избегнува трагедии. Авторот треба да биде пофален што пишува на оваа табу тема.“

Ll пишува за своето сопствено искуство со приватните клиники. „Има инвестиции во приватните клиники, но средствата се ниски и не во сите клиники работат професионалци. Резултатот понекогаш може да е страшен“, вели тој.

Коментирајќи за друг натпис на истата тема, Jay-z ја зазема страната на лекарите. „Никој не може да очекува од лекар да работи бесплатно во сабота, недела, вторник во 2 часот наутро, четврток во 11 навечер и петок во 5 наутро“, пишува тој. „Никој не може да очекува од него да ги извади од џеб сите лекарства и медицински средства, особено денес кога цените за нив се исклучително високи.“