SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/articles/2008/03/17/reportage-01

Бранко Црвенковски: Македонија ги исполни критериумите на НАТО

17/03/2008

Членството во НАТО на Албанија, Хрватска и Македонија значително ќе придонесе за понатамошна стабилизација на Западен Балкан, вели македонскиот претседател Бранко Црвенковски во екслузивното интервју за Southeast European Times.

Од Марина Стојановска за Southeast European Times во Скопје -- 17/03/08

photo

Бранко Црвенковски, претседател на Македонија.

Southeast European Times: Господине претседателе, дали очекувате бурен период за регионот по независноста на Косово?

Бранко Црвенковски: Без сомнение, прогласувањето независност на Косово наметнува одредени ризици. Факотот што ниту Србија, ниту пак српското население на Косово, како и голем број земји во светот не се согласуваат со ваквата одлука зборува за период на сериозни предизвици со кои се соочуваме.

Според мене, главно прашање е тоа како ќе се одвиваат работите во северниот дел на Косово, каде живее најголемиот дел од српската популација. Ако не биде воспоставено ефикасно присуство на меѓународните структури и нова власт во тој дел, ние би можеле да бидеме сведоци на една таканаречена „мека поделба“ на Косово,која би можела да биде постојана причина за нестабилност во рамките на самото Косово, како и охрабрување за нови етнички поделби во регионот.

Setimes: Како може независноста да влијае врз Македонија и врз нејзините односи со Србија? Дали очекувате економски или друг вид блокади?

Црвенковски: Република Македонија се уште не го одредила конечниот однос кон независноста на Косово. Се уште стоиме на нашиот став дека како земја-кандидат за членство во ЕУ и НАТО ќе ја следиме заедничката политика на овие структури во однос на ова прашање. Меѓутоа, се разбира, крајната одлука и кога таа ќе биде донесена главно зависи од оценките за заштитата на нашите национални и државни интереси.

Како непосреден сосед, ние сме решени да изградиме подеднакво добри односи и со Белград и со Приштина. Не зависи само од нас, туку и од нашите соседи, дали ќе успееме во тоа.

Setimes:Дали очекувате Македонија да добие покана на самитот во Букурешт и како ова ќе влијае врз безбедносната состојба во регионот? Освен тоа, дали очекувате промени на економската состојба во земјата?

photo

Македонски војник со бакнеж се простува од својот син пред заминувањето на мировна мисија во Авганистан. Земјата е дел од неколку мировни мисии низ светот. [Getty Images]

Црвенковски:Република Македонија ги исполни сите неоходни критриуми за да добие покана за НАТО. Без сомнение, нашето пристапување во Алијансата, како и пристапувањето на другите две земји од Јадранската повелба -- Албанија и Хрватска -- многу ќе придонесе за понатамошна стабилизација на регионот. Ова има дополнителна тежина имајќи ја превид независноста на Косово и ризиците кои произлегуваат од тоа. Секоја дополнителна сигурност за политиката и безбедносната стабилност -- а, членството во НАТО нуди ваква сигурност -- е поттик за нови инвестиции и економски развој.

Setimes: Дали спорот околу името помеѓу Македонија и Грција е пречка за прифаќање на Македонија во НАТО?

Црвенковски: Спорот околу името помеѓу Македонија и Грција е билатерален, во никој случај не спаѓа во критериумите за членство и во принцип не треба да биде пречка за наша интеграциија во НАТО. За жал, Грција, како полноправна членка на Алијансата, се заканува дека ќе употреби вето. На овој начин, таа се обидува да го наметне индивидуалниот интерес над интересот на Алијансата во замена и по цена на регионалната стабилност.

Setimes: Што ќе се случи доколку биде употребено вето? Вие и владата имате заеднички став -- доколку треба да се избира помеѓу името и поканата за членство во НАТО, Македонија мора да го избере своето име.

Црвенковски: Искрено, се надевам дека тоа нема да се случи. Република Македонија е искрено и сериозно посветена да стане членка на НАТО. Во изминативе години посветено работевме да ја постигнеме таа цел и заслужуваме покана. Не е праведно, ниту е во духот на основните вредности на кои се потпира алијансата, да се бара од нас да за членство платиме со отстапување од нашиот национален и културен идентитет.

Setimes: Ги постетивте македонските војници во Ирак. Какво е искуството и колку ќе добие Македонија од учеството во овие мировни мисии?

Црвенковски: Македонските војници учествуваат во воените мисии во Ирак, Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан. На овој начин, ние веќе се однесуваме како полноправна и одговорна земја-членка на НАТО и придонесуваме за мировните мисии во светот.

Македонската армија дава повеќе, отколку што добива од ваквите мисии, но ние сме потполно свесни за нашата одговорност и подготвени сме да се соочиме со ваквите предизвици.

photo

Генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер (десно) и Црвенковски разговараат со новинарите по средбата во седиштето на НАТО минатата година. [Getty Images]

Setimes: Дали сте задоволни од кохабитацијата со владата?

Црвенковски:Кога се во прашање клучните прашања за Република Македонија, јас и владата имаме задоволителна соработка и усогласени ставови.

Се разбира, кохабитацијата може и треба да биде подигната на повисоко ниво, но за тоа не би зборувал во овој период.

Setimes: До каде е Македонија на нејзиниот пат кон полноправно членство во ЕУ? Дали сте задоволни со темпото на реформите?

Црвенковскиr: Наша цел е да ги исполниме потребните предуслови во 2008 година со цел да добиеме датум за започнување на преговори за членство, како и целосно и успешно да го завршиме дијалогот за либерализација на визниот режим.

Реално, тоа се цели кои можат да се реализраат. Само ми е жал што поради сопствените слабости не ги остваривме минатата година.

Уверен сум дека реформите ќе бидат засилени во наредните неколку месеци.

Setimes: Очекувате ли Македонија да добие датум за преговори до крајот на годинава?

Црвенковски: Република Македонија има и институционален и демократски потенцијал, и што е уште поважно, цврста определеност да добие датум за преговори до крајот на 2008 година.

Setimes: Неодамна, американскиот амбасадор повика на завршување на спроведувањето на Мајскиот договор потпишан помеѓу владата и Демократската унија за интеграција (ДУИ). Дали ја поддржувате имплементацијата на овој договор?

Црвенковски: Договорите се склучуваат со цел да бидат спроведени. Инаку, ако некој ги избегнува обврските, смислата на политичкиот дијалог се губи. Се надевам дека сите партии потписнички на мајскиот договор, во случајов премиерот Груевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се потполно свесни за ова.

Setimes:Често патувате во земјите од регионот. Што мислите за соработката помеѓу земјите од Балканот и колку е таа значајна?

Црвенковски: Регионалната соработка е од клучна важност. Среќен сум што во овој поглед ситуацијата денес е неспоредливо подобра од таа пред десет години.

Регионот се соочува со нова историска можност. Земјите ги водат политички елити кои и даваат предност на соработката пред конфронтацијата. И сите тие се посветени на истите демократски вредности и заедничката европска иднина. Тоа мора да се искористи.